Розета од Скопје, мајка на Атанасиа (2): „Ќерка ми се роди со криви стапала, ѝ беа гипсирани до препони, наместо да лази - само лежеше“
- Детали
- петок, 19 јуни 2026
„Атанасиа се роди со криви стапала, доби дијагноза Еквиноварус Талипес на двете стапала. После два месеца почнавме со гипсирање, кое се менуваше на секои две недели, постапка каде стапалата се вртат малку по малку сè до посакуваната цел. До деветтиот месец носеше гипс, по што беше пратена на операција“, емотивно Розета Ѓорѓиевска од Скопје го споделува тешкиот пат на ќерка си, за која била пресреќна кога проодела пред 2-иот роденден.

Розета Ѓорѓиевска од Скопје e мајка на 2-годишната Атанасиа, која е мал борец од првиот ден во животот.
Розета е професорка м-р по методика на музичка настава во Илија Николовски Луј, инаку Атанасиа ѝ е второ дете и е 17 години разлика со првото.
Розета вели дека има 3 бебиња на небото. Нејзината голема ќерка овој месец ќе полни 19 години.
Атанасиа се родила со криви стапала и добила дијагноза Еквиноварус Талипес.
Инаку, Еквиноварус талипес (криво стапало) е вродена деформација на стапалото при која тоа е свртено навнатре и надолу.
Процесот на лекување од старт било предвидено да трае со години.
Денес многу битки се зад нив, ситуацијата е многу подобра, но уште има пат кој треба да се изоди.

Розета ја споделува нивната приказна за CRNOBELO.com:
„Атанасиа се роди во една од приватните болници во Скопје на 15.05.2024 година со криви стапала, дијагноза Еквиноварус Талипес на двете стапала.
Постапката за лекување на оваа дијагноза трае со години.
После два месеца почнавме со гипсирање, кое се менуваше на секои две недели, постапка каде стапалата се вртат малку по малку сè до посакуваната цел.

До деветтиот месец носеше гипс, по што беше пратена на интервенција – Тенетомија, каде се сече Алхиловата пета.
Операцијата беше многу стресна, најмногу од аспект што стануваше збор за мало бебе, кое не требаше да пие млеко, чај најмалку 15 часа пред истата, викотници и плачења се слушаа во ходниците и тој ден траеше 48 часа.

Но, фала Богу сè помина и по завршувањето на операцијата повторно беше гипсирана најмалку 3 недели.
Да напоменам дека гипсот се носи на двете нозе до препоните, со што самото бебе е оневозможено да лази, да седи, некои и проодуваат на таа возраст, но малата Атанасиа, само лежеше и ја држевме во раце.

Атанасиа почна самостојно да седи по вадењето на гипсот, по што мораше да носи специјални чевли со шипка – Понсети, три месеци по 23 часа.
Многу тежок период, гледав што повеќе да ја шетам надвор, за да не ѝ биде здодевно лежејќи. Дојде и тој период кога поминаа тие три месеци и почнавме со физикална терапија двапати неделно.
