Ивана (28) од Прилеп прави косплеј костими: „Се изработуваат и за една недела, но за најтешкиот ми требаа 6 месеци“
- Детали
- четврток, 25 јуни 2026
„Мојот прв целосен косплеј беше Lady Deadpool од Marvel Comics. Го изработив за околу една недела користејќи стара облека, картон и, искрено, прилично лоши шивачки вештини“, открива Ивана Костадиновиќ која веќе шест години активно се занимава со косплеј. Неодамна таа победи и на натпревар во кој учествуваа натпреварувачи од целиот Балкан, па беше прогласена за „Балкански косплеј шампион“.

Ивана Костадиновиќ од Прилеп работи како customer service агент, но во слободно време се занимава со косплеј.
Косплеј е уметност што уште не е многу позната кај нас, па 28-годишната Ивана е една од ретките кои вложуваат многу време и труд во креирање на костими кои би помислиле дека се направени од врвни професионалци.
Со шиење, сечење, лепење, Ивана успева да ги оживее ликовите од нејзините омилени видеоигри, аниме и стрипови, а за нејзиниот талент зборува и неодамнешната награда што ја доби на Ultimate Balkan Cosplay Championship.
За своето хоби, Ивана раскажува повеќе во интервју за CRNOBELO.com:
Од каде потекнува љубовта кон косплејот и колку долго го правиш ова?
Со косплеј активно се занимавам веќе 6-7 години. Почнав сосема природно, бидејќи отсекогаш сум била креативна личност и уметник, а воедно сум голем љубител на видеоигри, аниме и стрипови.
Косплејот ми овозможи да ги спојам моите интереси и вештини во едно хоби преку кое можам да се изразувам и да создавам нешто уникатно.
Кој ти беше првиот костим и колку долго го правеше?
Мојот прв целосен косплеј беше Lady Deadpool од Marvel Comics. Го изработив за околу една недела користејќи стара облека, картон и, искрено, прилично лоши шивачки вештини.
Но, токму преку тој костим открив колку ме исполнува и забавува процесот на создавање костими.
Од каде црпиш инспирација за костимите и дали повеќе преферираш ликови од аниме, видеоигри или други содржини?
Најчесто избирам ликови кои навистина ги сакам и со кои на некој начин се поврзувам. Освен самиот карактер, голема улога игра и дизајнот на костимот.
Во последно време најмногу преферирам ликови од видеоигри, бидејќи нивните дизајни обично се многу подетални и покомплексни, што претставува интересен предизвик при изработката.
Колку долго трае изработката на еден косплеј костим? Што сè вклучува? Дали сè правиш сама, дали сама ги црташ дизајните?
Времетраењето зависи од сложеноста на дизајнот. Некои костими можат да се изработат за една недела, додека за други се потребни два до три месеци.
Целиот процес вклучува планирање, цртање шаблони, шиење, изработка на реквизити и детална доработка.
Сите шаблони за костимите и реквизитите ги изработувам сама и ги користам како основа за шиење и конструкција.
Од каде наоѓаш материјали (или готови реквизити)? Лесно ли се наоѓаат во Македонија?
За жал, во Македонија нема специјализирани продавници за косплеј материјали, па најчесто се снаоѓаме со материјали достапни во локалните продавници и хоби центри.
За реквизити често користам ЕВА пена, која може да се најде во форма на јога душеци. Перики, леќи во боја и други специфични материјали најчесто нарачувам од онлајн продавници.
Каде ги учиш многуте техники на изработка?
Најголем дел од знаењето го стекнав преку долгогодишно искуство и многу „trial and error“.
Дополнително, учам од онлајн туторијали, совети од искусни косплеери и размена на искуства со пријатели кои исто така се занимаваат со косплеј.
Кој дел од изработката ти е најзабавен?
Најмногу уживам во изработката на реквизити од ЕВА пена.
Особено сакам да работам на големи оружја и сложени конструкции, бидејќи таму најмногу можам да ја покажам креативноста и техничката страна на хобито.
Колку чини да се изработи еден косплеј костим?
Цената зависи од сложеноста на костимот, количината на материјали и бројот на детали.
Некои поедноставни костими можат да се направат со релативно мал буџет, додека покомплексните проекти можат да бараат значително поголема инвестиција.
Кој лик ти бил најтежок за изработка и зошто? А, кој ти е омилениот што си го направила досега?
Најголем предизвик досега ми беше косплејот на Gaige и Deathtrap од Borderlands 2. За целиот проект ми беа потребни околу шест месеци.