Ивана од Куманово е девојка со „храбар“ моден стил со експлозија од бои - не сака да се вклопи, туку да се истакне
- Детали
- недела, 22 февруари 2026
„Носам облека што ме прави среќна. Во мојот ум, класичниот леопард принт е „неутрален“, затоа што го доживувам како лесен за комбинирање. Мој „неутрален“ кармин е циклама розов, а најлесната чанта за комбинирање ми е неон жолта“, вели Ивана Штериова Каранику, девојка со уникатен моден стил, за CRNOBELO.com.

Ивана Штериова Каранику (32) од Куманово е девојка со уникатен моден стил, а нејзините комбинации не можат, а да не ви го привлечат вниманието.
По струка е дипломиран економист, но од 2022 година, љубовта кон модата заедно со една нејзина другарка ја претвориле во сопствен бизнис „Lilou Fashion Official“, кој од физички бутик прераснал во онлајн продавница за накит и модни додатоци.
Таа вели дека никогаш не се води од она „Помалку е повеќе“, туку максималистка е во секоја смисла, од облека, накит и шминка до начинот на кој го живеe животот.
Турбаните, марамите и додатоците за коса се нејзин заштитен знак. Сака и крзно, но само вештачко.
Ивана за себе вели: „Сакам да патувам, да истражувам места со душа и откривам необични простори. Ме привлекува сè во максималистичка естетика или сè во што ќе осетам емоција. Можам да најдам убавина секаде, а таму каде што не ја гледам во физичка смисла, ја создавам во себе.
Пример ако поминувам покрај напуштена куќа, ја замислувам како би изгледала кога некој би вложил време и љубов во неа. Сè што ми е убаво за око, споделувам на мојот Инстаграм @ivanashteriovakaraniku“.
Од циклама до неон жолто, таа храбро носи силни бои и впечаливи дезени.
Ивана Штериова Каранику за CRNOBELO.com споделува:
„Се облекувам според расположение и енергија. Не чекам посебни пригоди. Секој ден ми е посебен.
Благодарна сум за секоја можност да се дотерам. Тоа е моја креативна експресија и терапија.

Мојот стил би го опишала како „dopamine dressing“, концепт инспириран од хормонот на задоволството допамин, што се темели на идејата дека облеката што ја носиме директно влијае на нашето расположение.

Избирам облека што ме прави среќна и ја одразува мојата енергија, без да се водам по трендови.

Носев леопард принт уште пред да се популаризира „mob wife“ естетиката и продолжив со „full glam“ шминка и во ерата на „clean girl“.

Немам модни правила, ниту лимити. Избирам парчиња со кои резонирам, без разлика дали доаѓаат од познат бренд, локален бутик или се „позајмени“ од гардероберот на мајка ми и дечко ми (да, им крадам ха-ха).

Фузијата на јаки бои и принтови е мојот моден печат.

Мојата драга професорка Марга, по ликовно од основно училиште, ме запозна со теоријата на бои и јас и ден денес ја користам при креирање аутфити.

Моите комбинации најчесто се базираат на контраст на бои, или на повеќе сродни нијанси. Никогаш не сум само во неутрални тонови или една боја.

