Ивана од Куманово е девојка со „храбар“ моден стил со експлозија од бои - не сака да се вклопи, туку да се истакне
Имам премногу облека, шминки и аксесоари, но знам и да „создадам“ нешто сосема ново од трети елементи.

На пример, можам да направам ланче од каиш, да трансформирам пар чевли со закачување ланчиња или да стилизирам фустан како здолниште.
Особено задоволство и предизвик ми е да ги стилизирам омилените парчиња одново и одново на различни начини.

Привлекувам многу внимание, но не чувствувам притисок. Јас сум лав во хороскоп, па некако природно ми е да сум во центарот на вниманието.

Вака лавовски и нескромно да си кажам, сметам дека со мојата креативна експресија го оправдувам вниманието.

Често ми приоѓаат луѓе кои не ги познавам да ми дадат комплимент за стилот. Мислам дека препознаваат колку навистина го чувствувам тоа што го носам.

Инспирација наоѓам насекаде: во ентериерот на ресторан каде што имам резервирано вечера, во дестинација што ќе ја посетам, во специфична естетика, или дури моментална емоција.

Знае да ми се појави целосна слика од некоја комбинација во главата, во сосема неочекувано време и место. Понекогаш се заигрувам пред огледало, пробувам комбинации и оставам на креативноста да ме води.
Некои идеи за аутфити не ме оставаат додека не ги реализирам. Креативците ќе ме разберат за што зборувам.
Кога нешто ќе се создаде внатре, како да се бори да излезе на површина, и едноставно мора да се покаже.

Најмногу сакам да се дотерувам за свечености. Секогаш сама си ги дизајнирам комбинациите за посебни пригоди, а со помош на мајка ми често правиме и додатоци за нив.
Мајка ми ми е најголема креативна (и техничка) поддршка.
Омилени ми се дводелни комплети со впечатливи ракави и здолништа со висок шлиц.

