Љубовната приказна на Фросина од Скопје и Цезар од Курдистан: „Живееме заедно од првата недела, на свадба имавме буткање врата“
Цезар веќе одлично зборува македонски, а јас се трудам да научам бар неколку фрази на курдски. Во слободно време гледаме „Медена земја“, „Преспав“ и одлични арапски комедии.
Единствената очигледна разлика помеѓу нас е религијата – Цезар е роден во муслиманско семејство.
Тоа никогаш не претставуваше пречка помеѓу нас, но дефинитивно беше „неудобна“ тема на разговор за нашите родители и поширокото семејство за време на почетоците на нашата врска.
Денес заедно купуваме баклава за Бајрам, се кршиме со јајца за Велигден, одиме на излет на Навруз, кршиме лепче со паричка на Бадник, си даваме портокали за Прочка и со нетрпение го очекуваме следниот празник, без разлика чиј е.

Како му се допадна на сопругот во Македонија? Има ли нешто што му е чудно?
Дефинитивно најмногу му се допадна храната и природата. Непрестајно јадевме добар домат-јабучар и планинаревме низ Западна Македонија.
Омилена дестинација му беа изворите и водопадите на реката Бабуна, а омилено јадење сармата на мама.
За Скопје вели дека е преубав, зелен, забавен град со добро кафе и одлична ди-џеј сцена. Сè е релативно близу и лесно за пешачење, луѓето се многу гостопримливи и расположени за дружба во секој дел од денот и има многубројни забавни настани, дури и во работен ден!

Ние бевме на Виноскоп, кубанско шизење во Белиер, забавата на Водно во четврток, Тони Зен во Интермецо и уште многубројни кафеани и кафулиња.
Она што најмалку ни се допаѓа и на двајцата е колку е присутен чадот од цигари НАСЕКАДЕ. Живеејќи во Канада е речиси невозможно да помирисаш цигари.
Во Македонија е загрижувачки колку голем број на луѓе (вклучувајќи мали деца) се пушачи и колкав број на локали дозволуваат пушење во затворено.
Тоа што најмногу го зачуди се полните кафулиња среде работен ден и однесувањето на луѓето со малку повисок квалитет на живот.

Во Канада не постои разлика во однесување помеѓу оној кој се вози со метро или пак со Ферари од 4 милиони долари.
Во Македонија, оние кои возат малку поубаво возило не даваат сигнал за престројување. Тие што одат на вежбање во поотмена теретана не вежбаат туку се фотографираат за Инстаграм.
Оние што носат поубав часовник не кажуваат „добар ден“. Во секојдневието на Македонците се одразува очајната желба за повисок статус во општеството.

Си била ли ти во неговата родна земја?
За жал, сè уште не сум била во Курдистан ниту пак во Ирак, но едвај чекам да одиме!
Заради постојаната нестабилност во регионот, Цезар не се има вратено во својата родна земја во последните 20 години.
Планираме патување до Курдистан во блиска иднина и со нетрпение чекам да ја пробам сета таа превкусна храна (којашто е многу слична на македонската).

Каде живеете сега, што ве однесе двајцата во Канада и каков животен стил имате?
Ако некој ми кажеше пред 10 години дека ќе живеам во Канада, а не во Шпанија или негде на југ, немаше да му поверувам!
Исто така немаше да му поверувам дека летата во Канада се изгор топли и дека луѓето одат на плажа буквално секој ден од мај до октомври.
И јас и Цезар се имаме преселено во Канада за работа, во различни околности и различни периоди од нашите животи.
И двајцата претходно имаме живеено на различни места низ Европа и мислам дека во иднина би можеле да живееме во кое било ќоше на Земјата.

Во октомври минатата година се преселивме од Торонто во Бери, 80km на север. Бери се наоѓа на најчистото и најтоплото езеро во Онтарио, па летата тука се вистинско уживање.
На лето се возиме со мотоцикл и џет-ски, се сончаме на суп-даска и уживаме во многубројните фестивали на отворено.
Во зима се шетаме или возиме квадови на замрзнатото езеро, ринеме (мноооогу) снег, и бордаме во локалниот ски-центар.

Иако животот нè однесе далеку од дома, успеавме да создадеме место кое го чувствуваме како свое.
Нашата секојдневна мисија е да се усреќуваме меѓусебно, а најубаво ни е кога сме заедно – без разлика дали сме на патување, покрај езеро или едноставно дома на кауч.
На крајот на денот, не е толку важно каде живееме, туку со кого го споделуваме животот.

Повеќе фотографии од Фросина и Цезар:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело