Мила Србиноска (15) наша шампионка во танц: „Првпат освоив светска титула на 6 години, костимите ми ги шие баба ми“
- Детали
- понеделник, 13 јули 2026
„Тренирам од 3 години. Сум пропуштила многу родендени, семејни прослави и дружби, но никогаш не сум почувствувала дека нешто сум изгубила. Тоа е мој избор и не жалам за ни еден момент“, вели Мила за CRNOBELO.com, која низ годините многупати нè направила горди со своите светски и европски титули во хип-хоп.

Мила Србиноска е една од нашите најуспешни млади танчарки. Со своите 15 години, таа учествувала на бројни шампионати, има голем број награди, а кога танцува, како сè околу неа да застанува и таа ве маѓепсува со своето играње.
Мила е ученичка во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, на насоката модерен балет.

Таа само што заврши прва година, но знае дека танцот ќе биде нејзина животна преокупација.
„По завршувањето на средното образование, дефинитивно сакам да го продолжам школувањето во областа на танцот, а најмногу ме привлекува хип-хопот“, вели таа за CRNOBELO.com.

Прочитајте го целото интервју со Мила:
На колку години почна да се занимаваш со танц?
Со танц почнав да се занимавам на тригодишна возраст, кога станав член на танцовото студио Break a Leg.
Дали сама сакаше да одиш или на почетокот те водеа на проби колку да имаш некаква детска активност?
Многу интересна приказна. Мајка ми, уште кога бев многу мала, ми пушташе хип-хоп музика дома, а јас постојано играв.
На две и пол години ме однесе на пробен час во Break a Leg, но тогаш бев премногу мала.
Трајче и Андријана ѝ рекоа: „Донеси ја за една година“.
И така, на три години, првпат влегов во студиото и до ден-денес не сум излегла од него. Тоа е мојот втор дом.
А се сеќаваш ли на моментот кога сфати дека хип-хопот ќе стане твоја животна страст?
Мислам дека тоа дојде природно со годините.
Обожавам да настапувам, многу сум натпреварувачки настроена и сакам да бидам на сцена.
Танцот денес е дел од мене и не можам да се замислам без него.