Мила Србиноска (15) наша шампионка во танц: „Првпат освоив светска титула на 6 години, костимите ми ги шие баба ми“
Освојуваш европски и светски титули од многу млада возраст. Кој трофеј или победа има најемотивно значење за тебе и зошто?
На шест и пол години станав европски шампион во категоријата хип-хоп соло - Mini Kids.
Имам освоено над 130 дипломи од државни, регионални, интернационални, меѓународни, европски и светски првенства во хип-хоп, а повеќето се први места.
Најемотивна за мене беше 2024 година, кога станав светски шампион во категоријата хип-хоп соло - Juniors 1.
Посебно е тоа што Светското првенство се одржуваше токму во Скопје, пред домашна публика.
Секој медал и натпревар ми значат, бидејќи зад нив стојат многу труд, работа и љубов.
Како изгледа еден твој типичен ден кога се подготвуваш за големо натпреварување? По колку часа на ден тренираш?
Денот ми започнува во шест часот наутро. Се подготвувам и одам на училиште, каде што сум до 16 или 17 часот.
Потоа одам директно во студио и тренирам до 21-22, а понекогаш и до 23 часот.
Секој ден сум во сала, а кога не сум таму, вежбам дома.
Кај мене хип-хопот е присутен 24 часа дневно.

Дали е вистина дека си пропуштила многу родендени и детски дружби поради тренинзите - имаш ли чувство дека нешто си жртвувала или сметаш дека вредеше секој момент?
Да, сум пропуштила многу родендени, семејни прослави и дружби. Но, никогаш не сум почувствувала дека нешто сум изгубила.
Танцот е тој што ме прави среќна и исполнета. Сакам да сум во студио и да вежбам.
Тоа е мојот избор и не жалам за ниту еден момент.

Имаш ли многу пријатели? Се гордеат ли тие со твоите успеси?
Поради обврските со училиштето и тренинзите немам многу слободно време за дружење, па затоа немам голем круг пријатели.
Можам да кажам дека имам малку, но вистински и искрени пријатели кои се секогаш покрај мене.
Тие искрено се радуваат на моите успеси.
Кој ти е најголема поддршка на цел свет?
Без двоумење - мојата мајка. Таа е мојата најголема поддршка во секој момент.
Што сакаш да правиш кога не танцуваш?
Обожавам да слушам музика. Искрено, кога ќе пуштам музика, речиси секогаш почнувам да танцувам, така што тешко можам целосно да се одвојам од танцот.