Љубовната приказна на Мартин Серафимов и Јана Калајџиевска: „Се запознавме во ракометен камп - се заљубив гледајќи го со топката во рака“
- Детали
- понеделник, 27 јули 2026
„Потекнувам од ракометно семејство, па Мартин не беше непознато име за моите родители. Уште како млад важеше за еден од нашите најталентирани ракометари, а тие знаеја кој е. А кога подобро да го запознаа, го прифатија како свое дете, особено мајка ми, која отсекогаш беше негов фан број еден“, вели поранешната ракометарка Јана Калајџиева за CRNOBELO.com.

Јана Калајџиевска (25) од Струга e поранешна ракометарка, а денес професор по физичко образование, спорт и здравје.
Пред 10 години, во ракометен камп, таа ја запозна љубовта на својот живот, Мартин Серафимов (26) од Скопје, наш професионален ракометар и репрезентативец.

Љубовта која трае цела деценија наскоро ќе ја крунисаат со брак, бидејжи пред само неколку дена, Мартин ја побара Јана за сопруга, романтично, на плажа во Грција, на зајдисонце.

За нивната љубовна приказна, која трае од тинејџерските години, Јана раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Како и кога почна вашата љубовна приказна? На што се сеќаваш најмногу од вашите почетоци...
Нашата љубовна приказна започна пред 10 години, на кампот на Кире Лазаров во Охрид, летото 2016 година.
И двајцата тогаш бевме млади ракометари и веројатно никој не претпоставуваше дека токму таму започнува една приказна што ќе трае со години.
Мартин беше тој што ми пиша прв.
Искрено, првата порака беше сосема едноставна, нешто во стилот „Како си?“ или „Што правиш?“.
Ништо спектакуларно, туку само за да започне разговор.
Но, иако тој го направи првиот чекор, јас бев таа што прва му покажав дека ми се допаѓа.

Со што те освои Мартин? Дали беше тоа љубов на прв поглед или ти го освојуваше него?
Кај мене хемијата се почувствува уште од првиот момент.
Првпат го видов на ракометниот терен, со топка во рацете, и таа слика засекогаш ќе ми остане во сеќавање.
Звучи како клише, но навистина така се случи - се заљубив гледајќи го како го прави она што најмногу го сака.
Можеби затоа и велам дека нашата приказна започна благодарение на ракометот.
Во тој период двајцата настапувавме за Металург, па најчесто се гледавме во спортската сала Автокоманда бидејќи тренинзите ни беа еден по друг.
Мартин го направи и првиот чекор за да се видиме, а нашиот прв состанок беше токму онаков каков што би очекувале од двајца млади и срамежливи деца - малце повеќе тишина, насмевки и многу трема.
Се сеќавам дека се шетавме покрај реката Вардар, во близина на салата „Кале“, и денес кога ќе помислам на тој ден, не можам да не се насмеам.
Мартин ме освои, пред сè, со својата добрина, искреност и лојалност. Тој е човек на кој секогаш можеш да се потпреш, човек што знае што сака од животот и не се плаши да работи напорно за да ги оствари своите цели и соништа.
Најмногу му се восхитувам на неговиот карактер, неговата дисциплина и вербата што ја има во себе.
Токму тие особини беа причината секој ден сè повеќе да се заљубувам во него.

Како изгледаа вашите први љубовни состаноци? Се сеќаваш ли на некој детаљ од нив?
Нашите први состаноци беа едноставни, но токму затоа и толку убави.
Најчесто се шетавме или седнувавме во некое мало маалско кафуле.
Особено ми остана во сеќавање едно кафуле во Аеродром, веднаш до зградата каде што живеев.
Немаше ништо посебно во него, но имаше некоја топлина. Таму најчесто се гледавме, пиевме топло чоколадо или чај и разговаравме со часови.

А првите средби со семејствата - твојата со неговото и неговата со твоето? Кој имаше повеќе трема пред да го запознае семејството на другиот?
Јас потекнувам од ракометно семејство, па Мартин не беше непознато име за моите родители.
Уште како млад важеше за еден од најталентираните македонски ракометари, па тие уште од самиот почеток знаеја кој е.
Но, едно е да го познаваш како спортист, а сосема друго како човек.
Кога имаа можност подобро да го запознаат, многу брзо го прифатија како свое дете.
Особено мајка ми, која отсекогаш беше негов фан број еден.
Татко ми е поранешен ракометар, и често знае да му помогне или советува во врска со ракометот. Убаво се сложуваат.
Што се однесува до запознавањето со неговото семејство, морам да признаам дека јас бев таа со поголемата трема.
По природа сум тремаџика и секогаш повеќе размислувам како ќе оставам прв впечаток.
Мартин, пак, е сосема спротивен - опуштен и смирен.
