Интервју со д-р. Анита Николовски: Дали смее да вежбате во бременоста и додека доите, какви вежби да практикувате после породување и препораки

Објаснете ни малку повеќе што е тоа дијастаз и како може да го забележи секоја мајка.

Ако сте една од жените кои поминале една, две, три.. или близначка, повеќеплодова бременост, а стомакот ви се вратил во првобитна состојба брзо после породување верувајте дека сте една од среќничките. Сепак тоа не е случај со многу жени.

Една студија покажува дека дури 60%, односно речиси 2/3 од жените се соочуваат со состојба наречена diastasis recti.

Што е DIASTASIS RECTI?

Парцијална или комплетна сепарација на абдоминалните мускули или six packs мускули кои се сретнуваат на средина на стомакот.

Поимот потекнува од diastasis што значи сепарација, раздвојување и recti кој се однесува на recti abdominis, мускули на абдоменот кои се спојуваат на средината на вашиот стомак.

Кај кого се појавува?

Најчеста причина за diastasis recti е бременоста и актот на пораѓање. Тоа е поради тоа што утерусот (матката) го следи растот на плодот, па притиска и ги шири абдоминалните мускули со цел да му обезбеди доволно простор и комодитет на бебето во вашата утроба.

Напорот кој го трпат муслулите при актот на пораѓање е исто голем ризик фактор за настанување на сепарација.

Во најголем дел од случаите самостојно се повлекува, односно со тек на време мускулите сами се спојуваат.

Најчест симптом е испакнатост во средниот дел од стомакот. Поизразен станува кога сте во исправена, стоечка положба, или при обид да се контрахираат стомачните мускули.

intervju-so-dr-anita-nikolovski-na-tema-dali-smee-da-vezbate-vo-bremenosta-i-dodeka-doite-kakvi-vezbi-da-praktikuvate-posle-poragaj-i-preporaki-12.jpg

Покрај надуеноста, може да искусите и:

  • Болки во долен дел од грбот
  • Неправилно држење, став на телото поради слабост на мускулите кои треба да ги држат трупот исправен
  • Опстипација
  • Надуеност, гасови
  • Уринарна инконтиненција
  • Во ретки случаеви може да прогресира и до хернија

Повеќето жени ќе искусат одредена абдоминална сепарација за време на бременоста. Тоа може да го ослаби вашиот труп и да доведе до болка во грбот и карлицата.

  • Можеби ќе имате потреба од мидер за поддршка на абдоминалните мускули во текот на денот. 
  • Избегнувајте секаков напор и напрегање.
  • Избегнувајте кревање тежина или дополнително оптеретување на вашата абдоминална мускулатура сè до вашието породување, па и одреден период потоа.
  • практикувајте добро држење на телото.
  • Дајте му поддршка на долниот дел од грбот кога седите, поставете си перница позади себе.
  • Внимателно со секое станување и исправување, посебно кога станувате од лежечка положба. Користете ја силата на рацете да го намалите оптеретувањето на стомакот.

За време на бременоста може да практикувате вежби за зацврстување на трупот, кои секако ќе бидат модифицирани и прилагодени на новата состојба и наменети за трудници.

Кај некои жени, diastasis recti може да се  повлече спонтано после пораѓај. Ако сè уште се соочувате со симптоми или сепарација и осум недели постпартум, некои вежби можеби ќе ви бидат од помош. Тоа се воглавно вежби кои ги опфаќаат мускулите на карличното дно и длабоката абдоминална мускулатура.

Внимателно со вежбите! Некои фитнес движења, вклучуваќи ги „стомачни“, склекови, планк, може да доведат до влошување на сепарацијата. Истото важи и за одредени јога пози и пилатес вежби. Затоа советувајте се со тренери лиценцирани за оваа намена или доктори за решавање на оваа состојба.

intervju-so-dr-anita-nikolovski-na-tema-dali-smee-da-vezbate-vo-bremenosta-i-dodeka-doite-kakvi-vezbi-da-praktikuvate-posle-poragaj-i-preporaki-07.jpg

Постојат некои верувања дека вежбањето може да влијае на мајчиното млеко. Дали и колку има вистина?

Не само што не е забрането, туку е и препорачливо да вежбате додека доите. Комбинирани заедно имаат докажан здравствен бенефит.

Секако, не заборавајте да се консултирате со вашиот гинеколог, пред да почнете со физичка активност. Откако ќе добиете зелено светло од својот гинеколог, грабнете ја вашата мат подлога и спремете се за благодетите што ви ги овозможува вежбањето. Направете се себеси среќни, а вашето бебе ќе ви биде повеќе од благодарно.

Вежбањето нема да го афектира лачењето и количеството на вашето млеко се додека се придржувате кон балансиран калориски внес и внесувате доволно вода. Доењето троши дополнителни 500 kcal дневно, па кога вежбате мора да се осигурите дека внесувате доволно вода и калории.

Студиите покажуваат дека нивото на lactic acid (млечна киселина) е покачено до 90 минути после вежбање со максимален интензитет, кое може лесно да го промени вкусот на млекото во тој период. Добри вести се дека вежбање со лесен и среден интензитет, не го покачуваат сигнификантно нивото на лактична киселина.

Додека го одржувате нивото на аеробни вежби 80% од max rate range, вашето бебе нема да ја забележи разликата. Ако сепак решите да вежбате со максимален интензитет и да доите во првите 90 минути после вежбање, можеби ќе приметите дека вашето бебе е поагитирано и понервозно од вообичаеното, затоа, почнете со вежби со лесен интензитет и слушајте го своето тело.

Задолжително истуширајте се пред доење! Осигурете се дека внесувате доволно вода и калории!

Колку килограми качи Анита во двете бремености?

Вагата и не ја обожувам, од причина што килажата воопшто не коренспондира со изгледот на телото.

Со првото бебе имав патолошка бременост и повраќав цели 5 месеци, ама буквално 5 месеци, речиси секој оброк. Мојата телесна тежина се промени за некои 10 килограми, меѓутоа изгубив на мускулна маса што доста менува во изгледот и фигурата на телото. Килажата си ја вратив на нормала веднаш после пораѓај, но ми требаше време за да ја надоместам мускулната маса.

Со физичка активност стартував секако со дозвола на гинеколог, после 2 месеци, бидејќи природно се породив.  Вежбите и интензитетот беа прилагодени за постпартум.

intervju-so-dr-anita-nikolovski-na-tema-dali-smee-da-vezbate-vo-bremenosta-i-dodeka-doite-kakvi-vezbi-da-praktikuvate-posle-poragaj-i-preporaki-09.jpg

Втората беменост настапи релативно брзо, меѓутоа телото ми беше плански и претходно подготвено, па стартував без вишок килограми и со тонус на мускулатура што е според мене многу важно кога настапува следна бременост, телото да биде подготвено за промените кои следат. Затоа и не ми беше проблем повторно да се вратам во нормала, дури иако вториот пат завршив со царски рез.

Што прават твоите дечиња додека вежбаш?

Децата не слушаат, тие имитираат!

Децата веруваат во бајки, но учат од примери!

Секогаш кога ќе поставам постилка за вежбање, они први доаѓаат, па вежбаме тимски.

intervju-so-dr-anita-nikolovski-na-tema-dali-smee-da-vezbate-vo-bremenosta-i-dodeka-doite-kakvi-vezbi-da-praktikuvate-posle-poragaj-i-preporaki-11.jpg

Градиме здрави навики од мали нозе. Колку што е важно да ги усвоиме навиките за миење раце пред секој оброк, миење заби после секој оброк и пред спиење, јадење здрава и балансирана храна, доволен внес на овошје, зеленчук и здрави намирници, толку е важно да ги научиме да бидат физички активни и во добра кондиција

Толку е важно да ги научиме да се сакаат со сите доблести и мани, да го запознаат своето тело и да ја слушаат секоја порака што истото им ја испраќа. Да ги научиме дека храната за душата е многу поважна од храната за телото. Дека балансот и врамнотеженоста во животот е од круцијална важност!

Среќата и задоволствата се во малите нешта: во одење боси на трева и песок, во шлапање во вирчиња од дожд, играње во кал, во гледање ѕвездено небо, во искрените и топли прегратки кои ја прехрануваат љубовта. А ако со љубов ги храниме, љубов и ќе шират!

Напомена: Добро е да ги знаете сите овие работи, но пред да се впуштите во некоја активност, консултирајте се со вашиот лекар, бидејќи секоја бременост е различна.

 ©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Сестрите Татјана и Тамара (24) од Свети Николе изработуваат бајковити креации за мали принцези и мај... Сестрите близначки, Татјана и Тамара Маневи, вљубенички во модата и дизајнот, на...
Инспиративен лик: Филип Иванов – пастор во Велес, голем хуманитарец и вљубеник во природа, кој оди н... Филип Иванов (33), веќе 5 години работи како пастор во Велес и во интервју за CR...
Интервју со дуото ДНК: Панчо во кафеана ја нарачува „Недеља“ од Џеј, Андреј вели дека уште се истите... Велат дека воопшто не се променети како луѓе во овие 20 години кариера, Андреј р...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg