Мила од Битола студира на Харвард: „Дипломата ти ги отвора вратите за сѐ што си сонувал, но нема поубаво место од дома“

Дали на Харвард останува време за забава и каков е социјалниот живот – како го поминувате слободното време?

Како што кажав претходно, временски сѐ е оставено на тебе и зависи ти како ќе си го организираш времето и кои нешта ќе ти бидат приоритет.

Има студенти кои одат на забави 3 пати неделно секој четврток, петок и сабота, не грижејќи се толку многу за просекот.

Има студенти кои одат на забава еднаш во семестар доцнејќи и на таа една забава поради есејот кој го уредувале до последна минута пред крајниот рок кој е истата вечер, а има студенти кои се наоѓаат помеѓу овие два екстреми, каде би се вброила и јас.

Во секој случај, дилемата најчесто е помеѓу 3 сфери: академски успех, социјален живот и спиење - најчесто сѐ се сведува на непишаното правило дека мора да избереш помеѓу две и да жртвуваш една.

Кога ќе одделиш време за социјалниот живот, каков е истиот и кои се можностите на Харвард, тоа е друго прашање.

Лично, јас запознав луѓе и имам добри другари од Америка и од скоро сите страни на светот, но после првичната возбуда, нема бегање од нашиот балкански менталитет - најблиски ми останаа другарите кои оваа година беа на Харвард од Македонија и Србија.

Па така, покрај заедничкото учење во неколкуте библиотеки, секое останато време за дружба се обидувавме да го пополниме со нешто забавно - прошетка до Бостон, гледање натпревар, возење велосипед или некоја друга спортска активност, пикник или забава.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-12.jpg

Постои ли разлика во условите за сместување на студентите со стипендија и оние што го плаќаат образованието? Кажи ни некои примери?

Не, не постои никаква разлика - Харвард на никаков начин на ги дели студентите кои се на финансиска помош и оние кои плаќаат.

Во текот на прва година, живеевме во домовите кои се наменети само за студенти од прва година.

А, сега, после лотаријата која беше во март месец, сите сме распоредени во една од 12-те куќи каде ќе живееме во наредните три години.

Секој студент смета дека неговата куќа е најубава и е горд на неа, но мислам дека објективно јас го добив џекпотот на лотаријата со најфотогеничната куќа која е на сите можни разгледници од Харвард - Dunster House.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-05.jpg
Dunster house - куќата каде е сместена Мила

Заврши семестарот, а сега имаш летна пракса? Дали тоа е задолжително за сите студенти или е факултативно?

Не, летната пракса не е задолжителна и воопшто не е поврзана со твоите студии, но многу студенти се решаваат да стекнат некое искуство, бидејќи тоа е она што потоа многу се цени кога ќе дипломираш и си веќе на чекор од почеток на кариерата.

Генерално, има две можности - стандардна пракса во компанија и научно-истражувачка работа која најчесто оди преку универзитетот.

Јас ова лето се решив за второто, прашувајќи ја професорката Мелиса Франклин (првата жена што некогаш станала професор по физика на Харвард) дали би можела да се приклучам во нејзината група на високоенергетска физика на честички (high energy particle physics) која има директна соработка со научниот институт CERN.

После потврдниот одговор, спојувајќи ги двата мои сегашни интереси (физика и програмирање), веќе неколку недели работам на анализа на податоци обезбедени од CERN што треба да придонесе во примарната цел на истражувачката група - потрага по нов процес при протонско-протонски судир.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-13.jpg

Каде по Харвард? Дали веќе размислуваш за идните планови или сметаш дека уште е рано за тоа?

Тоа е тешко прашање, за кое мислам дека е многу рано за да се даде точен одговор. Има неколку генерални работи за кои мислам би била подеднакво среќна: постдипломски студии на добар универзитет, влез во развиена технолошка компанија или успешно почнување и развивање на start-up.

Од искуство, после мојата прва година, видов дека многу од сегашните соништа и цели може да се променат во наредните три години, па поконкретни детали за тоа каде животот ќе ме однесе остануваат изненадување и за мене и за вас.

За крај, во едно претходно интервју, пред околу 7 месеци кратко откако стигнав на Харвард, изјавив дека цело време е исполнето, па нема многу простор да размислуваш за дома.

И додека тоа сѐ уште до некаде стои (посебно околу испитниот рок), после тие првични неколку месеци исполнети со еуфорија и возбуда, сфаќаш дека можностите за напредок и просперитет и амбициозната средина е она што во суштина го издвојува Харвард за тебе и секој би сакал тоа да го искористи.

Но, истовремено сфаќаш дека поголемите студенти како Бујо (Филип Бујароски) и Филип (Филип Симески) биле во право кога ти рекле дека (продолжува на битолски дијалект):

„За тебе сепак нема да има поубо место на светот од дома, колку и да си пристрасен сфаќаш дека многу работи кои си ги земал здраво за готово за тебе се најубај дома и тука ги нема, па така сфаќаш и дека ненадејно си станал најголемиот патриот шо некогаш си бил, оти за тебе нема поверни навивачи од Македонците, нема поуба музика од југословенската, нема поуба храна од македонската, нема поуба природа од пелистерската, и нема поуба забава и град со поќе душа од Битола“.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-02.jpg

За оние што не знаат, Мила досега учествувала на Европска олимпијада по физика, освоила два бронзени медала на интернационални јуниорски олимпијади по природни науки, два бронзени медала на јуниорски балкански олимпијади по математика, сребрен и бронзен медал, пофалница на ирански геометриски олимпијади и два бронзени медали на европски математички купови.

Таа освоила повеќе први, втори и трети награди по математика, физика, хемија, скијање и ударни инструменти.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Ирина од Скопје чува сфинкс мачка: „Нала многу сака да се гали и не е дива, идеална храна ѝ е сирово... „Нала е премногу мила и секогаш е расположена за галење. Воопшто не е дива како ...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg