Виолета Танчева-Златева, поетеса и лекторка: „Наградите не те прават подобар писател“

Ги имате добиено двете најзначајни награди за поезија кај нас – „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија, а неодамна вашиот поетски ракопис „Глуво време“ се закити со наградата „Антев златник“. Што значат наградите за вас? Дали повеќе поттикнуваат или обврзуваат?

Наградите не можат ниту да ти дадат ниту да ти одземат од она што го носиш во себе.

Тие не можат да те направат подобар писател или подобар човек.

Напротив, можат да те натераат да се возгордееш или да си поспиеш на старата слава.

Јас по природа сум мошне реална и приземна личност, па добро знам колку можам и колку вредам, така што наградите попрво ги доживувам како убаво признание од колегите за мојата работа.

Но, секако значат и поттик, а особено обврска. А човек треба да се оправда и да се докаже, пред сè, пред самиот себе.

BeFunky collage 8

Работите како лиценциран лектор по македонски јазик во Издавачки центар ТРИ и преку вашето лекторско око поминуваат многу наслови. Колку напор и време е потребно за да ги задржи една книга стандардите на македонскиот јазик и правопис?

Лекторирањето може да се спореди со влегување во градина од која треба да се искорнат сите треви, за да биде видлива убавината на цвеќињата.

Tоа е корисна работа што мене многу ме исполнува.

Вложеното време и напорот се различни за секоја книга, но во просек, треба најмалку една недела – да се направат потребните измени според нашиот правопис, да се прочисти и да се дотера текстот, да му се остават коментари со предлози на авторот или преведувачот.

А потоа, откако тој ќе ја врати со своите забелешки, целата книга треба да се разгледа и да се препрочита уште еднаш.

BeFunky collage 3

Добриот превод значи и помалку јазични пропусти. Со какви преводи се имате соочувано досега и што ви одзема најмногу време при лекторирањето на некое дело?  

Имам лекторирано одлични преводи кои не бараат многу исправки, но и многу лоши и буквални преводи во кои на некои места има и системски грешки, па морам цело време да споредувам со оригиналот.

Во последниве години најмногу време (и нерви) одзема поправањето на англиската конструкција на реченицата и менувањето на англиските изрази.

„Тоа ме направи да се смеам“ наместо „Тоа ме натера да се насмеам“ или, едноставно, „Тоа ме насмеа“; „две недели подоцна“ (two week later) наместо „по/за две недели“; „му клапна вилицата“ наместо нашето „подзина“; „отидовме Ана и јас заедно“ наместо многу понормалното „Отидовме со Ана“.

Наместо детектирана лага можеме да кажеме откриена лага, наместо рефлектира недоверба – одразува недоверба.

Во сиот тој наплив веќе забораваме дека имаме сосем соодветни наши зборови за многу странцизми: антагонизам, апликативност, артикулира, асистенција, бенефити, дистракција, ентузијазам, инклузивност, инсистира, интензитет, креира, опсервер, перформанси, предатор, презентира, ригидност, ресурси, таргетира, фасилитатор, фрустрира...

Наскоро ќе започнам со објавување кратки јазично-лекторски текстови во кои ќе бидат разгледани многу од овие примери.

BeFunky collage 11 

Каква е соработката со домашните автори? Како тие реагираат на промените што сте ги направиле или на сугестиите дека некои реченици и зборови треба да се променат?

Нашите автори се отворени за соработка, зашто знаат дека секоја направена или предложена измена е добронамерна и во нивен најдобар интерес.

Издавачки центар ТРИ му посветува посебно внимание на секој автор (и преведувач), а јас како лектор пристапувам кон нивните дела со најголема сериозност и одговорност, исто како кон сопствените.

Освен лекторирањето на текстот, им давам сугестии и за поинакви решенија, па дури и за организирање на книгата во циклуси или за промена на распоредот на текстовите.

Некогаш знаат да запнат да им остане некој збор или израз, па тогаш заеднички размислуваме за најсоодветно решение во духот на македонскиот јазик.

BeFunky collage 12 

Земајќи го предвид влијанието на социјалните мрежи и она што доаѓа со брзото животно темпо, каква е денешната писменост кај нас, особно кај помладата генерација?

Намалувањето и губењето на писменоста ни е долгогодишен проблем, но со него се соочуваат и многу други земји.

Напливот на американскиот јазик е страшен, може да се спореди со цунами кој носи сè пред себе.

Безмерно е влијанието на филмовите, песните и спотовите и различните други содржини по социјалните медиуми од англиското говорно подрачје.

Иако во денешниот глобален свет знаењето англиски јазик е предуслов да се разбереш и да ги одржуваш контактите и соработката со луѓе од други земји, сепак, зар треба за сметка на тоа да си го погазуваме сопствениот јазик?

BeFunky collage 13 

Кои се најчестите правописни грешки што ги забележувате на социјалните мрежи?

Ги има од најразличен вид, на секое јазично ниво, а ги прават дури и луѓе од културата од кои се очекува малку подобро да го познаваат правописот на мајчиниот јазик.

Најмногу боде очи пишувањето со латиница.

Повторно поради влијание од англискиот, се пишуваат со голема буква општи именки или придавки, не се става цртичка кај зборовните состави, се греши при користењето на „ј“ во кој/кои, чиј/чии итн. Социјалните мрежи нудат богат материјал за најразлични јазични истражувања.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. Х. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg