Д-р Чадиковски го оперирал олимпиецот Никола Ѓуретановиќ кога бил 5-месечно бебе: „Другите учеа да одат, а ти да преживееш“
- Детали
- понеделник, 05 мај 2025
„Првата операција ја имаше на 5 месеци. Повторна битка на 4 години. Кога светот го гледаше како кревко бебе, ние гледавме херој. А денес е Олимпиец. Првак. Победник во водата и во животот“ - напиша д-р Владимир Чадиковски за пливачот Никола Ѓуретанивиќ, чиј живот му го спасил додека тој бил мало бебе.
Детскиот кардиохирург, д-р Владимир Чадиковски, кој години наназад е вистински херој за многу родители, оперирајќи срца на преку 1.500 бебиња и мали деца и грижејќи се за секое од нив, преку објава на Инстаграм покажа колку се гордее со едно од децата на кои им го спасил животот.
Станува збор за младиот пливач Никола Ѓуретановиќ, кој во 2024-та, на свои 16 години, ја претставуваше Македонија на Летните олимписки игри во Париз.
Д-р Чадиковски откри дека Никола е вистински борец, момче кое на 5 месеци ја имало првата операција поради вродена мана, а денес е Олимпиец со кој можеме да се гордееме.
Тој објави фотографии од времето кога Никола бил бебе во инкубатор, од неговото растење низ годините и денес, кога е успешен спортист.
Во својата емотивна објава, д-р Чадиковски напиша:
„Изгледаше мало, слабо, тивко. А носеше во себе енергија што менува светови.
Родено предвреме.
Првата операција ја имаше на 5 месеци. Повторна битка на 4 години. Тоа беше малото тело со големо срце и душа.
Кога другите учеа да одат, тоа дете учеше да преживее. Кога светот го гледаше како кревко бебе, ние гледавме херој.
А денес е Олимпиец. Првак. Победник во водата и во животот.
Ова не е само приказна за спорт. Ова е љубовна приказна меѓу медицината и животот.
Меѓу надежта и науката. Меѓу лекарите и борците.
Најтешките битки ги водат најсветлите души.
А ние само сме им сведоци - и среќни што постоиме за нив. Се гордеам со тебе Никола.“
Погледнете повеќе фотографии:
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





