Денес почнува божиќниот пост – кои денови се јаде риба, кога се пости на вода и од што да се откажете?
- Детали
- петок, 28 ноември 2025
Со лесно на сите верници! Божиќниот пост ќе трае 40 дена, односно од 28 ноември до 6 јануари, во овој период треба да се одречете од вообичаени навики, гревови и мрсна храна. Сепак има исклучоци - понеделник, среда и петок е строг пост на вода, во саботите и неделите се дозволува риба, а од 2-ри до 6-ти јануари, постот станува построг. Кои се другите правила?

Постот во православната вера се смета за период на одрекнување и молитва, кога верниците се подготвуваат за празниците и се откажуваат од своите вообичаени навики, така што се потсетуваат на самоконтрола.
Основа на постот е борбата со гревот преку воздржување од храна, но не и исцрпување, затоа секој треба постепено да влезе во постот, односно да определи колку храна и напиток му е потребно.
Во спротивно, доколку се изгладнувате, може да станете гневни и нервозни, а со тоа да направите други гревови од кои исто така треба да се воздржувате за време на постот.
Секако, важно е и да не се претерува со јадење, ниту со пиење, туку да се биде умерен во сè.

Божиќниот пост трае 40 дена, а оваа 2025-та, започнува на 28-ми ноември и завршува заклучно со 6-ти јануари, Бадник.
За време на постот, верниците треба да се воздржуваат од јадење месо, млечни производи, путер, јајца, друга храна од животинско потекло и алкохол.
За рибата, маслото и виното има исклучоци, односно ова се правилата за божиќниот пост:
Во понеделник, среда и петок е строг пост и не се јаде риба, масло и вино, односно се пости на вода.
Во четврток и вторник се дозволува масло и вино.

Во сабота и недела се дозволува масло, вино и риба.
Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло, вино и риба.
Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино.
Ако е голем празник во среда и петок се допушта, покрај масло, и риба, каков што е празникот „Воведение во храмот на Пресвета Богородица“ (4-ти декември 2025).

Од 2-ри до 6-ти јануари постот се засилува и во тие денови, дури и во сабота и недела рибата не е благословена.
На Бадник верниците постат само на вода.
Со оглед на тоа што кај нас Нова година се слави за време на постот, многу е важно верниците да се придржуваат до правилата за постење и да не паднат во искушение, а црквата сугерира да се слави православната Нова година (14 јануари).
Сепак, важно е да се запомни дека постот не подразбира само прилагодување на исхраната, туку се однесува и на телото, духот и однесувањето.
Па освен што се одрекувате од одредена храна, треба да се откажете и од лоши мисли, пороци, кавги, погрдни зборови, а да се фокусирате на молитва, внатрешен мир, добри дела, љубезност и простување.

5 предлог посни рецепти за деновите кога не знаете што да јадете
Со лесно на сите верници!
М. М. | Црнобело

