„Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета“ – Тимот на Систина се збогува од Панчо, како и неговата Маја која остана со нивните 2 сина
- Детали
- вторник, 14 октомври 2025
„Вие бевте тие кои ми дадовте 7 месеци можност да се гушкам и зборувам сè што не си кажавме цел живот. Ви благодарам за секоја секунда посветена од сите вас како болница која ми станавте и втор дом изминатиов период“ - напиша во коментар на објава од болницата Маја, со која Панчо доби два сина, а кои останаа скршени од болка по неговото заминување.

Срцето на Владимир Блажев Панчо не издржа и денес престана да чука по 7-месечно болничко лекување, иако многумина веруваа дека ќе успее да ја извојува најтешката битка.
Од болницата Систина, каде што тој се бореше за својот живот по кобната несреќа во дискотеката во Кочани, се огласија и напишаа емотивна порака.
„Почивај во мир, драг наш Панчо…
Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета…
Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја…
Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри, болничари кои беа 24 часа со тебе …
Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство се боревме и верувавме…“
Неговите колеги, пријатели, познаници и обожаватели, денес се скршени од болка за уште еден млад згаснат живот на човек кој беше голем уметник и хуманитарец.
Но најмногу, оваа загуба ја чувствуваат неговите два сина Марјан и Андреја, кои ги имаше од бракот со Маја.
Во коментар на објавата од болницата, се огласи и самата таа, која била покрај него сите овие месеци:
„Вие бевте тие кои ми дадовте 7 месеци можност да се гушкам и зборувам сè што не си кажавме цел живот.
Ви благодарам за секоја секунда посветена од сите вас како болница која ми станавте и втор дом изминатиов период.
Нема зборови и нема утеха, а знам дека сте и вие скршени од болка“.

М. М. | Црнобело
