Српскиот шминкер Стефан Суботиќ ме нашминка за 5 минути во Скопје - Сподели лесни трикови (видео)
- Детали
- вторник, 30 септември 2025
На прашањето „Која е најголемата грешка што ја прават жените кога се шминкаат?“, познатиот шминкер, Стефан Суботиќ за CRNOBELO.com, без размислување вели - изборот на пудрата. Како изгледа шминкање за само 5 минути и кои се триковите што ќе ѝ помогнат на секоја дама - тој ни откри во 5-минутното видео.

Познатиот српски шминкер и мајсторот на трансформации, Стефан Суботиќ, неодамна беше во Скопје, каде што одржа мастерклас за вечерна шминка и за шминка за невести.
Насмеан, шармантен, расположен за разговор, тој одвои време за CRNOBELO.com, за „приватен час“ по брза шминка.
И додека ме шминкаше, со производи од Dior, Estee Lauder и Anastasia Beverly Hills, за кои рече дека му се меѓу омилените, Стефан сподели дел од своите мејкап трикови за нашите читателки.
„Ајде да направиме нешто набрзина, на пример, ако некоја девојка треба да се нашминка сама за 5 минути, пред да излезе од дома, кои се твоите тајни, како треба да го направи тоа?“ - му велам.

Според Стефан, најпрво лицето треба да се испрска со фиксатор кој ќе го освежи лицето и ќе ја хидрира кожата.
Потоа, ми нанесе лесна пудра, хидрантна, која не е многу покривна, туку има полесна структура, бидејќи стануваше збор за лесна, дневна шминка - без оглед дали е за на работа или за на кафе, дневно излегување и слично...
„Ова не треба да изгледа како професионална шминка, туку се само некои совети и трикови од мој агол, за тоа како на наједноставен начин да постигнете убав изглед на лицето“ - објасни тој.

На прашањето „Која е најголемата грешка што ја прават жените кога се шминкаат“, Стефан одговори без размислување.
„Што не знаат која пудра одговара на нивниот тип на кожа. Да речеме, има доста жени кои користат пудри кои се мрсни, а имаат мрсна кожа и што предизвикува пудрата да изгледа многу лошо.
Или, девојки кои имаат сува кожа, користат пудри кои матираат, односно, дополнително го сушат лицето“ - ми кажа Стефан.

За тоа како изгледа целиот процес на шминкање од 5 минути, кои бои на руменило се во тренд оваа есен, каде се нанесува бронзер, а каде хајлајтер и руменило, но и кои сенки најубаво се комбинираат за дневна шминка, погледнете го видеото:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / Видеомонтажа В. К.
