Секојдневни навики кои ги правите кога сте во автомобил, а се опасни
Возачите секојдневно прават работи кои им ја намалуваат концентрацијата при возењето, а невнимателноста може да донесе сериозни последици.
Најчести причини за сообраќајни незгоди се брзото возење, опасно претекнување, возење под дејство на алкохол и користење телефон.
Многупати се случува и свесните возачи некогаш да се фатат за телефонот, водејќи се по тоа дека се искусни и внимателни и дека 1 секунда ништо не може да смени, но всушност доволно е само толку.
Покрај сериозните грешки, постојат многу други навики кои секојдневно ги правите во возењето, а може да бидат опасни.
Навики од кои треба да се откажете додека сте во автомобил:
Пеење и возење истовремено
Музиката може да предизвика голема количина на чувства и расположенија кај човекот, како силни емоции, досада, носталгија и друго, па не е препорачливо да се соземате со музиката додека возите бидејќи може несвесно да замижите или направите нешто опасно.
Слушалки додека возите
Спречува да слушате што се случува во сообраќајот, свирки, сирени и други сигнали и звуци.
Возење со високи штикли
Штиклата може да се заглави и да ве спречи да закочите или да изреагирате соодветно во моментот, па затоа е препорачливо секогаш да имате нешто рамно за пресоблекување кога возите.
Нозе потпрени на шал табла
Во случај на несреќа, може да се здобиете со многу посериозни последици во овој случај, а објаснувањето може да го прочитате тука.
Спиење на седиштето до возачот
Сигурно сте слушнале за појавата кога ќе видите некој да зева, веднаш и вие зевате. Па, според некои истражувачи, истото се случува и кога возачот ќе види дека патникот до него спие и може да се почувствува поспано.
Пишување пораки зад волан
Веројатно не треба да се објаснува колку може телефонот да ви го одземе вниманието посебно при пишувањето пораки.
Пресоблекување додека возите
Многу луѓе знаат да го прават ова кога се во брзање, но замислете кога ќе се обидете да ја протнете кошулата низ глава да се заглави и за момент да не можете да гледате што се случува пред вас.
Возење миленици на седиштето до вас
Во ред е да го носите миленикот со вас во автомобил, но би требало да биде во транспортер или да седи назад со придружба.
Во спротивно, доколку го возите сами напред, може да ви предизвика опасна ситуација, бидејќи не можете да внимавате и на него и на возењето, ниту пак да предвидите колку ќе мрдна и што ќе направи.
М. М. | Црнобело