Идеално решение - Евтин електричен автомобил за жителите на загадените и пренаселените градови
Данската фирма за производство на велосипеди, Биомега, создаде концепт електрично возило за оние со помал буџет.
Според скандинавските принципи на дизајн, возилото е ослободено од сите непотребни елементи со цел да се добие нешто што ја исполнува само основната функција, слично како и велосипедот.
Електричниот автомобил е наречен SIN, по примерот на велосипедите коишто ги произведува фирмата. Името е кратенка од градот којшто бил инспирација за него, а во овој случај тоа е Сингапур.
SIN има четири независни мотори за секое тркало, четири врати и четири седишта. Во внатрешноста дизајнот е сведен на минимум колку што можно повеќе, по скандинавскиот принцип на дизајн, „помалку е повеќе“ (less is more).
Алуминиумска греда го држи воланот и инфо-таблетот на којшто се прикажуваат сите потребни информации при возењето.
Минимизираните компоненти и лесните материјали, како што е модуларниот карбон фибер, прават да има многу простор за нозете, а истовремено и да се намали тежината на возилото, а со тоа и да се намали потрошувачката на батеријата.
Возилото ќе забрзува од 0-100 км/ч за приближно 13 секунди и ќе може да достигне максимална брзина од 130 км/ч.
Дизајнот на возилото со отворени тркала, овозможува да се добие рамен под и полесно маневрирање низ градските тесни улици и паркинг простори. Батеријата се наоѓа под подот, а широката шофершајбна овозможува да имате подобра прегледност на патот.
Возилото беше претставено на саемот во Шангај, а се очекува да почне да се произведува во 2021 година и да се продава по цена од околу 20.000 евра.
(О)Милена | Црнобело