Мапа покажува каде се појавувала отровната „риба-зајак“ во Грција (и каде би можела да се појави летово)
- Детали
- четврток, 09 јули 2026
Отровната риба-зајак почнала да се појавува во водите на Грција околу 2003 година, но летово нејзиниот број е драстично зголемен. Грчките медиуми почнаа да споделуваат интерактивна мапа на која се одбележани места на кои се појавувала рибата низ годините. Иако податоците не се од оваа година, мапата покажува каде постои поголем ризик рибата да се појави и годинава.

Отровната „риба-зајак“ летово им создава проблеми на Грците, но и туристите во Грција откако почна да се појавува во грчките мориња.
Оваа риба живее во тропските води на Индискиот и Тихиот Океан, но во изминатите неколку години се проширила и на западниот дел од Медитеранот.
Од 2003 година, рибата почнала да се појавува во Медитеранското Море и Егејското Море, а како што споделуваат грчките медиуми, мигрирала од Црвеното Море преку Суецкиот Канал.
Досега е забележана на брегот на Израел, на јужниот дел од Турција, Кипар, како и Грција.
Сега, пак, Грчката мрежа за инвазивни водни видови (позната како ELNAIS) сподели интерактивна мапа која покажува на кои места во Грција била забележана рибата изминативе години.
Важно е да се нагласи дека мапата содржи информации од 2005 година, па сè до 2021 година. Мапата не покажува каде е забележана рибата годинава, туку каде се има појавувано, а со тоа и каде би можела да се појави повторно.
На неа се одбележани местата каде што рибата е уловена, фотографирана или идентификувана од рибари, научници и граѓани.
Интерактивната мапа можете да ја видите ТУКА.
Во Грција рибата првично се појавила во југоисточниот дел, главно околу островите Родос и Крит, додека денес ја има во Егејското море и многу делови од Јонското Море.
Во 2026 година, забележани се значително повеќе единки поради што грчките власти почнаа да испраќаат и предупредувања.
Оваа риба лесно се адаптира бидејќи нема природни предатори. Притоа поголем проблем претставува за другите риби бидејќи им ја „краде“ храната, но и за рибарите бидејќи им ги уништува мрежите и опремата за ловење.
Во јуни грчките власти започнаа и проект со цел да го намалат бројот на рибите во грчките води. Рибарите добиваат парична награда – околу 5 евра за килограм – а овој проект ќе биде активен 70 дена.
Каснувањето од рибата не е отровно, но таа има многу остри заби и може да предизвика сериозни повреди.
Поради ова грчкиот Црвен крст испрати апел до туристите и локалците веднаш да побараат медицинска помош доколку бидат каснати од рибата.
Рибата е отровна доколку се јаде, па нејзиното консумирање е строго забрането.