Бугарска туристка била касната од диво прасе на плажа на грчки остров - отишла на еднодневно крстарење од Лефкада
- Детали
- понеделник, 13 јули 2026
Островот Атокос со дивите свињи кои слободно си шетаат по плажа и си пливаат во море е едно од омилените фотки на инстаграмџиите, сепак бугарска туристка доживеа инцидент и предупредува на претпазливост.

Една на прв поглед идилична екскурзија до грчкиот остров Атокос завршила драматично за бугарската туристка Ина Ангелова.
Инаку, Атокос е мал, див и ненаселен остров во Грција, дел од островската група Ехинади во Јонското Море и се наоѓа приближно на 9km североисточно од Итака.

Таа заминала таму на еднодневно крстарење од Лефкада, но станала жртва на неочекувана агресија од страна на едно диво прасе.
Инцидентот, кој завршил со медицинска интервенција, служи како потсетување дека природата е магична, но не е само сцена за забавни фотографии и треба секогаш да бидеме внимателни.


Дивите животни што го населуваат островот Атокос се вистинска сензација на социјалните мрежи.
Туристите често ги опишуваат како атракција, бидејќи свињите без страв излегуваат на песокот и влегуваат во морето.

Сепак, според повредената туристка, ризикот е реален и опасен. Каснувањето од диво животно во таква средина не е само мала повреда, туку сериозна траума која може да бара болничко лекување и серија вакцини.
Ангелова упати апел до сите посетители: ако патувате со деца, најбезбедно место за нив е на палубата на бродот, подалеку од брегот.

Експертите потсетуваат дека однесувањето на животните може да се промени кога ќе бидат опкружени со голем број луѓе кои сакаат совршено селфи.
Обидите за допирање, хранење или бркање на свињите за фотографија можат да предизвикаат одбранбени реакции. Колку повеќе туристите инсистираат на близок контакт, толку е поголема веројатноста ситуацијата да ескалира.