Славчо од Охрид и Камилле од Бразил: „Ќерката ќе ни се вика Елена, а ќе се роди во Рио де Жанеиро“
- Детали
- среда, 03 септември 2025
„Дел од прославите ги правиме во Македонија, дел во Бразил. Нашата ќеркичка ќе се вика Елена и ќе се роди во Рио де Жанеиро. Засега планираме да останеме во Бразил една година и потоа ќе се вратиме во Македонија“, вели Славчо Јованоски (24) од Охрид за CRNOBELO.com и открива како ги спојуваат двете култури.

Славчо Јованоски (24) од Охрид ја запроси саканата Камилле Лима (22) од Рио де Жанеиро, Бразил, во неговиот роден Охрид во април 2025-та, а сега парот откри дека го очекува своето прво дете.

Славчо споделува за CRNOBELO.com:
„Откривањето на полот на нашето бебе го направивме во Македонија во Охрид, каде што со семејството и пријателите ја споделивме најубавата вест, а тоа беше дека очекуваме девојче.
Тоа беше навистина емотивен момент, исполнет со радост, возбуда и голема љубов.

Бидејќи мојата сопруга е од Бразил, решивме тука да ја продолжиме прославата и неодамна организиравме baby shower во Рио де Жанеиро.

Во Бразил е традиција ваквата прослава да се прави пред раѓањето на бебето, додека кај нас во Македонија по раѓањето се прават мекици за семејството и гостите.

Така, со спојување на двете култури, создадовме убав баланс. Дел од прославите ги правиме во Македонија, дел во Бразил.

Нашата ќеркичка ќе се вика Елена и ќе се роди во Рио де Жанеиро. Засега планираме да останеме во Бразил една година и потоа ќе се вратиме во Македонија.

По враќањето сакаме да ја крунисаме нашата љубов со свадба во Македонија, каде што ќе ја прославиме и нашата нова улога како родители.

Периодов за нас е полн со возбуда, нетрпеливост, љубов и позитивен страв нормално“.