Мајка од Скопје за синот со аутизам: „Се славел роденден на дете од одделението на Леон - за жал, тој не беше поканет“
- Детали
- среда, 22 октомври 2025
„Во групата немаше покана, ниту еден збор од родителот да ми се обрати, свесно го прославија роденденот со сите останати деца, со исклучок на Леон. Можеби тоа дете не го сакало Леон на својот роденден. Прифаќам. Но, каде е родителот што ќе му објасни дека различноста не е страшна...“, гласи емотивната исповед на Амела Мемиш Апостоловска од Скопје.

Амела Мемиш Апостоловска е мајка на две деца со попреченост во развојот, Андреа и Леон.
Таа на својот Фејсбук профил сподели ситуација што ја погодила во срце, кога нејзиниот син Леон не бил повикан на детски роденден кај соученик.
Нејзината емотивна исповед:
„Што е најтешко во ова општество …
Не сакав јавно да се огласувам, не затоа што се жалам, туку затоа што болката на мајка која ќе се пронајде во оваа приказна зборува сама по себе.
Вчера се славел роденден на дете од одделението на Леон. За жал, тој не беше поканет.
Во групата немаше покана, ниту еден збор од родителот да ми се обрати, изговори не ми се потребни дека досега не го разбрале процесот на Леон, свесно го прославија со сите останати деца со исклучок на Леон.
Можеби тоа дете не го сакало Леон на својот роденден. Прифаќам.
Но, каде е родителот што ќе му објасни дека различноста не е страшна, дека прифаќањето не боли, дека емпатијата се учи од дома?
Засрамете се!
Зар Леон не би сакал да дојде? Зарем ние, неговите родители, не би го донеле?
Го отфрливте тивко, без зборови и му покажавте дека не припаѓа. Само затоа што е различен.

На големиот одмор, сам се шета низ ходниците. Не се вклопува во безобразните зборови, во вресоците и скокањето по маси и столици што ги носат од дома.
Се штити од одбивањето, од насмевките што боли да се видат, од тишината што е повозвишена од сето тоа.
А потоа родителите зборуваат дека „играат клучна улога“.
Да, играат но тоа е нова ера на невоспитаност и распад на инклузијата.

Фотографии споделени во групата сите се таму, само Леон не е.
Кога го прашав дали беше поканет, одговорот го добив со „НЕ мамо, никој не ме викна, а зашто?“ Ух, стрела низ душа ми помина, му се насмеав само и останав без зборови.
И тоа зборува повеќе од илјада зборови.