Ирина Камилоска израдува момче со аутизам кое не беше покането на роденден - му донесе пилот, пожарникари и полицајци на училиште
- Детали
- понеделник, 10 ноември 2025
Потег за поздрав! Откако пред еден месец Леон (12) од Скопје кој има аутизам беше единственото дете во одделението кое не доби покана за роденденот на негово другарче, Ирина Камилоска реши да го изненади - во училиштето му донесе пожарникари, пилот, кошаркари, планинари и жена полицаец и му измами насмевка.

Амела Мемиш Апостоловска е мајка на две деца со попреченост во развојот, Андреа (15) и Леон (12).
Таа секојдневно „се бори со ветерници“ со желба да им обезбеди на децата нормален развој и детство.

Но, тоа ѝ е понекогаш тешко, поради тоа што наидува на пречки и од луѓето во нејзиното окружување, како и од непознати лица.
Еден од последните непријатни настани се случи кон крајот на октомври, кога нејзиниот син Леон, кој има аутизам, бил единственото дете од одделението во кое учи, а кое не било покането на роденден кај свој соученик.

Амела тогаш преку статус на Фејсбук откри дека родителите на детето не пратиле покана во групата, туку поединечно на сите останати и го прославиле роденденот со сите дечиња, но без Леон.
Поттикната од оваа случка, Ирина Камилоска, направи потег за поздрав.

Таа, во договор со мајката на Леон, и одговорните од неговото училиште, реши да го изненади - повика луѓе од неколку области - пожарникари, пилотка, кошаркарка, жена полицаец и планинари.
„Иницијативата која ја реализираше Ирина Камилоска беше искрено и емотивно изненадување за Леон, но и силна порака за целото општество.
Преку ваквите гестови потсетуваме дека секое дете заслужува прифаќање, разбирање и љубов без да гледаме на неговите разлики.

Целта е да ја зголемиме свесноста и емпатијата кај децата и возрасните, бидејќи инклузијата не е само збор, туку начин на живеење.
Училиштето веќе втор пат отвори врати за да ја испратиме пораката“ - вели за CRNOBELO.com, Амела, мајката на Леон.

Таа сподели и фотографии на Фејсбук и покажа како сите тие се дружат со Леон, споделуваат многу љубов со него, го возат во противпожарно возило, а му покажаа и како се гаси оган, му донесоа подароци.
Леон, пресреќен, уживаше во секој миг поминат со нив.

„Во училиштето на Леон, се случи вистинско чудо кое ги стопи и најтврдите срца. Ова не беше само настан, туку емотивен земјотрес кој ја разбуди човечноста во сите нас.
Во своите горди, но срдечни униформи, пристигнаа хероите пилотот, полицаецот, пожарникарите, планинарите и кошаркарите.

Сето ова беше момент на безусловна љубов, смеа која брише солзи и љубопитност која го буди животот.
Пораката е болно јасна дека ниту една детска душа не смее да се бори со темнината сама! Тоа е неуспех за целото општество“, напиша таа, меѓу другото.

Прочитајте ја целата порака на Амела:
Прочитајте и Мајка од Скопје за синот со аутизам: „Се славел роденден на дете од одделението на Леон - за жал, тој не беше поканет“
А. Ј. | Црнобело