Потег за поздрав: Девојка од Скопје накити новогодишна елка на Водно за да ги радува случајните минувачи
- Детали
- четврток, 18 декември 2025
„Јас редовно планинарам на Водно и еден ден се симнував надолу по новогодишната патека и гледајќи мали деца како со малку намуртени лица и црвени образи се искачуваат, ми дојде идеја да направам нешто што ќе ги радува“, вели девојката која накити елка на Водно и успеа да измами насмевки.

Девојка од Скопје, чиј идентитет ѝ е познат на нашата редакција, но не сакаше да се експонира јавно, накити елка на Водно.
Една накитена елка на Водно имаме години наназад, искусните планинари го знаат тоа, но ова е сосема нова елка, која сега блесна во празнично руво.

И целта е исполнета – мами насмевки на случајните минувачи, а особено на најмалите.

Девојката која ја накити елката за CRNOBELO.com сподели дека сака фокусот на приказната да биде самата идеја и радоста што таа ја носи, а не на личноста која стои зад неа.
Таа за CRNOBELO.com изјави:
„Идејата произлезе сосема спонтано, јас редовно планинарам на Водно и како спортска активност и бегство за чист воздух.

Тој ден, се симнував надолу по новогодишната патека и гледајќи мали деца како со малку намуртени лица и црвени образи се искачуваат, ми дојде идејата да направам нешто мало, но радосно за нив – нешто што ќе им го направи искачувањето поубаво во празничните денови.


Сакав да направам мало изненадување, а оние што пешачат да можат и да си напишат новогодишна желба“.


Kaде поточно се наоѓа елката (заокружено е со црвено):

С. С. | Црнобело