Од Национален парк Галичица открија како се грижат за елените, по популарното видео: „Сега има над 200 единки“ (фото)
- Детали
- вторник, 13 јануари 2026
„Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените“, пишува на Инстаграм објавата на Национален парк Галичица, по виралното видео со елени.

Пред неколку денови, на официјалниот Инстаграм профил на Национален парк Галичица беше споделено видео со елени.
Видеото на кое се гледа стадо елени на Галичица брзо стана вирално и веруваме дека сте го виделе и вие.
Инспирирани од популарноста на видеото, од Националниот парк сега споделија и неколку фотки од репродуктивниот центар за елени, а открија и како се грижат за убавите животни.
„Пред неколку дена споделивме видео од репродуктивниот центар за елени во Национален парк Галичица, кое предизвика голем интерес во јавноста и искрено ги стопли срцата на многумина.
Заедно со поддршката, добивме и бројни прашања: Како се грижиме за елените? Дали имаат доволно храна? Дали се безбедни од ловџии?
Затоа, денес во прилог објавуваме фотографии од репродуктивниот центар и од секојдневната грижа што ја вложуваме.
Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените.
Резултатите зборуваат сами за себе: во 2019 година бројката изнесуваше околу 30 единки, а денес популацијата е зголемена на над 200 елени.
Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна, непосредна заштита и навремена реакција.
Репродуктивниот центар беше отворен во 2019 година со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот.
Овој пристап придонесува за здрави екосистеми, рамнотежа во природата и одржлива иднина за Галичица.
Ви благодариме за грижата и интересот – заедно ја чуваме природата“, стои во описот на објавата.
Спирова С. | Црнобело