Бојан Чунде на 20 години по скок од педалинка во Охрид останал инвалид: „Докторот ми кажа дека нема да застанам на нозе“
- Детали
- вторник, 03 февруари 2026
„На моите веќе им кажале дека шансите да проодам се еднакви на нула. По операцијата, докторите ми кажаа дека ќе треба да се навикнам на нов начин на живот, дека нема да станам и дека ќе користам инвалидска количка и пелени“, вели Бојан Чунде во емотивната исповед кај Лазаров.

Бојан Чунде е од Прилеп, а живее во Скопје, и е човек кој боледува од хемофилија и човек кој на свои 20 години, по скок од педалинка во Охридското езеро, останал инвалид и врзан за инвалидска количка, напиша Стефан Лазаров во најавата за неговиот најнов подкаст, и додаде дека тогаш на Чунде сите му предвидувале дека ќе остане така засекогаш.

Инаку, хемофилија е генетско нарушување на крвта кое го отежнува згрутчувањето (коагулацијата) на крвта. Луѓето со хемофилија може да имаат долготрајно крвавење, дури и од мали повреди, и чести внатрешни крварења, особено во зглобовите и мускулите.
Дијагнозата на Бојан му била поставена на 2 години.
Но, според докторите, таа ја влошила ситуацијата, но не била пресудна за резултатите од повредата на Бојан.
Чунде во подкастот раскажа дека при скок од педалинка, тој се лизнал на крема или масло за сончање и сакајќи да не удри на глава од педалниката, чудно се извртел со телото и ‘рбетниот столб.
По падот во вода додека пропаѓал чувствувал дека не може да ја затвори устата, дека му влегува вода и дека не може да ги движи ниту нозете, ниту рацете. Траело само неколку секудни, но му изгледало како вечност.
Тој вели дека не се сеќава добро на ситуацијата, но немал конкретен удар, туку многу чудно го извиткал телото наназад.
Едвај успеал малку да ги придвижи рацете за да се фати на перката од педалниката и некако да се качи на неа.
Чудо е што Чунде, и покрај незгодата, денес стои на нозе. Во гостувањето раскажува за најтешкиот период во неговиот живот кога му кажале дека повеќе нема да може да оди и размислувал и за најстрашното.
До него цело време била неговата сопруга, тогашна девојка Марија, за која Чунде вели дека му е вистинска поддршка и не го оставила во ниту еден момент.
По огромна борба со сите предизвици Бојан застанал на нозе, а со Марија искреирале бизнис со органска козметика, кој денес е многу успешен.

Чунде емотивно зборуваше за најтешкиот период од животот, по повредата:
„Јас чекам да ми кажат, ајде стани, да почнеш да одиш, да видиме дали операцијата е успешна.
Нозете воопшто не ги чувствував, но мислев дека операцијата е направена за јас да закрепнам комплетно после тоа.
На моите веќе им кажале дека шансите да проодам се 0, поточно дека нема такви шанси.

