Сестра Ефимија е монахиња во Рајчица: „По 15 години монашки живот, одново би го избрала истото“
- Детали
- петок, 20 февруари 2026
„И после 15 години монашки живот, повторно да ми дадат да одлучам што сакам да бидам кога ќе пораснам, повторно ќе одлучам да бидам монахиња во манастирот во Рајчица“, вели сестра Ефимија и открива како ѝ изгледа еден ден. Таа додава дека божјата љубов е одговор на сè.

Сестра Ефимија, монахиња од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица, кај Дебар, во подкастот „Смисла“ проговори за љубовта кон Бога и за начинот на живот кој го избрала.

Сестра Ефимија е дипломиран теолог и социјален работник, а има завршено и магистерски студии по уставно право и теологија.
Таа вели дека и да треба да бира одново, повторно би избрала нејзин животен повик да биде монашкиот живот.
Во една пригода во гостување во емисијата „Трилинг“, кое го пренесе и порталот „Религија“, откри како изгледа еден нејзин ден:
„Ние стануваме во 5.30 и нашиот работен ден завршува околу 21 часот, немаме слободен ден, но тоа не ни претставува проблем, постои невидлива сила која ни дава многу радост, за да истраеме.
Во манастирот владeат други закони, духовни – таму се зборува со јазикот на тишина, тоа е една потреба да го чуеш другиот“.
Сестра Ефимија за вљубеноста во монашкиот живот во подкастот „Смисла“ на презвитерот Бобан Митевски вели:
„И после 15 години монашки живот во монашката заедница од која што доаѓам, повторно да ми дадат да одлучам што сакам да бидам кога ќе пораснам, повторно ќе одлучам да бидам монахиња во манастирот во Рајчица, под духовно раководство на човекот којшто е на некој начин одговорен јас да се сретнам со Бога.
Тој е одговорен секојдневно да ја живеам таа средба со Бога преку средбата со моите сестри во манастирот, со моите браќа, коишто постанале критериум за мојот духовен раст“.
Сестра Ефимија за почетоците со монашкиот живот вели:
„Старецот го запознав во еден период кога многу љубопитно ја барав смислата на сè што постои и нè опкружува, кога размислував за вистинската слобода, но и кога се обидував да направам баланс помеѓу за мене две многу важни работи, а тоа е духовниот живот и да продолжам да го правам тоа што редовно го правев, меѓудругото качувањето карпи и планински врвови.
Обично за себе сакам да кажам дека се изморив прашувајќи и барајќи ја смислата, сè додека најпосле смислата не ме најде мене.