Зорица Атанасова: „Денес е 20-ти ден откако мојот сопруг Ангел живее нов живот - му беше трансплантиран црн дроб“
- Детали
- вторник, 21 април 2026
„Мојот сопруг е седмиот пациент во Македонија кај кого е извршена трансплантација на црн дроб, откако семејството на пациентка со мозочна смрт даде согласност да се донираат нејзините органи. Ова е несомнено најголемиот доказ дека на овој свет сè уште постојат луѓе со големо срце...“, ја започнува емотивната објава Зорица Атанасова за својот сакан Ангел.

Да се пронајде вистинска љубов во животот е најголемиот благослов. А Зорица Атанасова и Ангел Атанасов пронашле токму таква еден во друг и делеле живот полн радости, убави моменти, но понекогаш и страдања, како она кога Ангел се соочил со сериозен здравствен предизвик, а единствен спас било трансплантација на црн дроб.
И, за среќа, пред 20 дена тој доби трансплантација, а сега живее нов живот.
Зорица им оддава почит на својот Фејсбук профил на медицинските лица во Македонија и јавно благодари што нејзиниот сакан е седмиот пациент во Македонија кај кого е извршена трансплантација на црн дроб.
Таа испраќа апел за донирање на органи и преку нивниот пример посочува како тоа спасува животи и спасува семејства.

Нејзината емотивна објава гласи:
„Денеска е 20-ти ден откако мојот сопруг Ангел Атанасов го живее својот нов живот.
Тој е седмиот пациент во Македонија кај кого е извршена трансплантација на црн дроб, откако семејството на пациентка со мозочна смрт даде согласност да се донираат нејзините органи.
Не постојат зборови со кои може да се искаже големината и емпатијата на членовите на семејството кои во моменти на најголема болка одлучиле да спасат други човечки животи.
Ова е несомнено најголемиот доказ дека на овој свет сè уште постојат луѓе со големо срце.

Операцијата беше извршена на Клиниката за дигестивна хирургија во Државната болница во Скопје од тимот предводен од абдоменалниот хирург професор д-р Светозар Антовиќ и професор д-р Билјана Кузмановска, Националната координаторка за трансплантација.
Тим од хирурзи, анестезиолози, медицински техничари.... Врвни стручњаци кои со часови работеа во неколку операциони сали за да спасат човечки животи.
Луѓе кои со својата смиреност и сигурност ни влеаја доверба дека сè ќе биде во ред. ЛУЃЕ кои направија да се чувствуваме сигурни во миговите на најголема вознемиреност, кои ни пристапија со смиреност и решителност да успеат во својата цел - да спасат живот!
Повеќе од две недели траеше постоперативниот период. Пациентот беше 24 часа под постојан надзор и целосна здравствена грижа од страна на медицински екипи на КАРИЛ и Дигестивна хирургија за конечно сите тие да бидат подеднакво среќни и задоволни од успешната трансплантација.
