Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк


„Ќе работиме додека секоја една клетка од повредените не се излечи“ – Моќен говор на Ненад од supportkocani на концертот на Тамара

„Имаме информации дека е енормно скапо рехабилитирањето на повредените и ќе трае со години. Нека има вакви настани, а ние ќе работиме на ова сè додека секоја една клетка од нив не се излечи, јас ви ветувам“ – зборовите на Ненад Вржалски ќе ве наежат, исто како и песната која ја отсвире и отпеа на концертот на Тамара, а ја посвети на загинатите во Кочани.

kje-rabotime-dodeka-sekoja-edna-kletka-od-niv-ne-se-izlechi-mokjen-govor-na-nenad-od-supportkochani-na-koncertot-na-tamara-video-01.jpg

На 5 мај, во МКЦ Скопје, Тамара Тодевска одржа хуманитарен концерт, на кој уште еднаш ја покажа својата маестралност и го остави срцето на сцена, пеејќи со душа за Кочани.

За време на 2-часовниот концерт, Тамара донесе многу емоција на сцената, како со своите зборови, така и со песните кои ги отпеа, но и со гостите кои ги покани.

Во еден момент, таа откри дека таму се луѓето од тимот кој работи на supportkocani.com, платформа која наши луѓе ја создадоа со цел да се собираат донации и навремено да стигнат до семејствата на повредените на кои им се најмногу потребни, a деноноќно работат на тоа.

kje-rabotime-dodeka-sekoja-edna-kletka-od-niv-ne-se-izlechi-mokjen-govor-na-nenad-od-supportkochani-na-koncertot-na-tamara-video-02.jpg

„Тука вечерва со нас се и претставниците на supportkocani.com. Ќе го поканам Ненад Вржалски, еден од основачите на supportkochani.com, има нешто да ви каже и да ви отсвири и отпее“ - рече Тодевска, а кога Ненад се појави до неа, доби громогласен аплауз од публиката која стана на нозе да го поздрави.

Ненад, кој е музичар и софтверски инженер, одржа краток, но емотивен и моќен говор, кој длабоко допре до сите и сигурно ќе ве наежи:

„Фала дечки. Најпрво, огромна благодарност за Тамара и цела прекрасна екипа и прекрасна организација. Фала многу за поканата пред сè, јас сум само една мала алка од supportkocani.com, а десно некаде се дечките што работат 24/7.

Се трудиме да помогнеме на сите тие засегнати фамилии и мислам дека во наше време ова е најголема трагедија во Македонија, да не се повтори никаде.

SupportKocani беше нешто најмалку што можеме да направиме ние за градот и за оние засегнати. Разбираме дека животот мора да продолжи покрај целата таа трагедија, но да продолжи и сплотеноста што се случи, солидарноста, хуманоста, да го следиме примерот на Тамара, да организираме настани, секој како знае и како може.

Имаме информации дека е енормно скапо рехабилитирањето на засегнатите и дека можеби ќе трае со години. Да не дозволиме ова да згасне, нека трае, а ние ќе работиме на ова сè додека секоја една клетка од нив не се излечи, јас ви ветувам“.

Тој доби огромна поддршка и аплауз од публиката, а потоа зема гитара и најави дека ќе отсвири и отпее песна која ја посветува на загинатите. 

„Дечки ова е песна од Марјан Нечак, која што ми ја поклони многу одамна, а јас го пронаоѓам целиот овој момент во песнава.

Извинете што е толку многу тажна, ја посветувам на секој еден кој го изгуби животот во тој ужас“ - рече Ненад и почна со посебна емоција, од срце да ја пее песната, која почнува со стиховите: „Сите денови ми се ноќи, кога неа ја нема“.

Погледнете ја неговата изведба:

Прочитајте и Тамара маестрална на концертот за Кочани - започна со 1-минутен молк, пееше со грутка во грло и солзи во очи, ја сплоти публиката (видео)

М. М. | Црнобело

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg