Отворена изложба на Ристо Јосифовски - Ромбо во Кавадарци
- Детали
- недела, 18 мај 2025
На 16 мај 2025 година, во Музеј Галерија Кавадарци беше отворена изложба на фотографии од Ристо Јосифовски - Ромбо.

Пред многубројната публика, изложбата ја претстави директорот на музејот, Јаким Зимоски, а за авторот и неговата работа говореше Гоце Наневски, професор на ФЛУ Скопје.

Наневски за Ристо Јосифовски - Ромбо ќе каже дека е претставник на најмладата генерација на возуелни творци, кои ги амалгамизираат границите на традиционалните жанрови и диссциплини, поставувајќи нови светилници на хоризонтите на современата визуелна уметност.

Проектот, кој го носи насловот „200016052025“ (дваесет часот, шеснаесетти мај, две илјади дваесет и петта година), односно часот и денот кога изложбата беше поставена пред јавноста, претставува пресек на едно континуирано и длабоко визуелно истражување низ фотографијата како платформа.

Јосифовски ги води посетителите и набљудувачите низ една лична исповед, раскажувајќи го своето интимно гледање на тишината како објект – тишина доловена преку суптилна, но истовремено богата визуелна нарација.
Насловите на секоја од фотографиите го означуваат точното време на настанување на дигиталниот запис, во истиот дух како и називот на самиот проект.

Ристо Јосифовски – Ромбо е роден на 4 мај, 1985 година. Тој е трета генерација уметник од познато македонско, односно кавадаречко уметничко семејство.
По стапките на неговиот дедо и татко, Јован и Гоце Јосифовски, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот вајарство со сценографија, во класата на професорот Гоце Наневски.

Живее и работи во Кавадарци како наставник по ликовно образование, а учествувал на повеќе групни изложби, колонии, работилници и уметнички проекти.
Неговиот последен проект „200016052025“ е временски печат. Момент. Сведок на обичното и извонредното.

Оваа црно-бела фотографска изложба обединува 30 фрагменти од светот – лица, улици, домови во распаѓање, тивки агли на природата и тивкиот поглед на животните.
Ослободени од боја, остануваат емоции, светлина, текстура. Колекцијата ве поканува да талкате низ минливите секунди во животот, снимени без филтри, само присуство.

Времето минува. Моментите не.
Изложбата ќе трае до 30 мај и може да се посети секој работен ден од 8 до 16 часот во Музеј Галерија Кавадарци.

Погледнете дел од фотографиите на Ристо Јосифовски - Ромбо: