Ново издание на „Глумците Пеат“ на 8 и 9 јуни во МНТ
- Детали
- четврток, 05 јуни 2025
На 8 и 9 јуни во Македонскиот народен театар премиерно ќе се одржи новото издание на „Глумците Пеат“ – најголемото музичко-сценско шоу во Македонија, кое оваа година ги надминува очекувањата со целосно нов концепт и исклучителна изведба.
Врз основа на оригиналната идеја на актерот Марин Бабиќ, шоуто денес го носи неговиот дух – но со енергија што ја носат неговите ќерки, продуцентките Маја и Ира Бабиќ и целиот креативен тим и учесниците на и зад сцената.
Повеќе од 50 актери и музичари, учествуваат во поставката која годинава се доближува до форма на мјузикл: драматизирани музички точки, поврзани сцени и препознатливи референци од филмската култура. Со тоа, публиката добива силно, непрекинато наративно доживување – забавно, емотивно и визуелно импресивно.
Настапуваат актери од различни театри и генерации – неколкумина добро познати глумци за првпат ќе се појават во шоуто, а своето прво големо сценско искуство ќе го добијат и млади актери за кои допрва ќе се слуша. Со жив биг-бенд оркестар, две пратечки вокали и силна сценска екипа, продукцијата го слави спојот на музиката и глумата како платформа за нови и докажани имиња.
Режијата е на Дејан Пројковски, музичко раководство и аранжмани потпишува Бобан Мирковски, диригент е Љупчо Мирковски, а за кореографијата е задолжена Олга Панго.
Последните влезници се достапни на mktickets.mk и karti.com.mk.
„Глумците Пеат“ е шоу кое традиционално се одржува еднаш годишно – ексклузивно, без реприза.