Никола од Охрид беше сам на концерт на Erreway: „Ми се оствари сонот да ги видам бунтовниците, публиката врескаше без престан“
- Детали
- вторник, 22 јули 2025
„Уште како дете посакував да ги видам Млади Бунтовници во живо – ова патување и концерт ми беше начин да го оживеам тој сон. Публиката ги пееше хитовите од почеток до крај во полн глас, имаше ѕвездено небо на Sera de Dios, ќерката на Филипе (Мануел) беше во публика и ја покажаа на „Kiss“ камерата, па се пошегуваа велејќи сите кои изневеруваат да се скријат, а Луисана (Миа) не присуствуваше, но сними видео порака“ – Никола за CRNOBELO.com раскажува впечатоци од концертот на Erreway во Мадрид.

Никола Буџак (29) од Охрид живее и работи во Минхен како инженер истражувач со фокус на имплементирање вештачка интелегенција во медицинската роботика.
На 20-ти јули 2025 тој присуствуваше на концерт на Erreway во Мадрид и си го исполни сонот од детството во живо да ги види главните ликови од серијата „Млади Бунтовници“.
Бендот е на голема светска турнеја, а сите кои некогаш биле нивни фанови посакуваат да присуствуваат на овој концерт, иако се поминати повеќе од 20 години.
Никола за CRNOBELO.com ги сподели впечатоците од концертот, но и како и зошто одлучил да ги слуша во живо:
„Одлуката да одам на концерт на Erreway, групата која остави неизбришлива трага во детството на многумина од нас преку серијата Rebelde Way (Млади Бунтовници) ја донесов веднаш штом дознав дека повторно се обединуваат и тргнуваат на светска турнеја под името „Juntos otra vez“ (Повторно Заедно).

Првично бев скептичен, затоа што првичната информација ја видов на Инстаграм, па помислив дека се работи за лажен профил или некоја шега.
Знаев дека Луисана Лопилато (Миа Колучи) е доста активна во филмската индустрија и има обврски со семејството како мајка на четири деца, а Камила Бордонаба (Марица Пиа Спирито) подолго време е отсутна од јавниот живот, па ми делуваше речиси невозможно.
Сепак, кога проверив преку официјалните канали за продажба на билети (како Ticketmaster), сфатив дека навистина станува збор за автентична турнеја, со закажани настапи низ повеќе европски и латиноамерикански градови.

Концертните датуми се распродадоа речиси веднаш. Иако реагирав брзо, местата во поголем дел од европските градови веќе беа недостапни.
Но, благодарение на огромниот интерес, организаторите додадоа нови термини и така успеав да обезбедам Golden Fan Pit билет за концертот во Мадрид.

Цените беа сосема разумни. Живеам во Минхен и често посетувам концерти на светски познати изведувачи (како Pink, Ed Sheeran, Imagine Dragons, Metallica, Lenny Kravitz и други).
Од тој аспект, ако треба да ја споредам цената, мојот билет беше споредлив со стандарден партер билет за такви настапи, а стандарден партер слична на цените на карти за балкански артисти од рангот на Здравко Чолиќ.
Достапно и оправдано, особено ако се земе предвид емоционалната вредност на концертот.

Картата ја купив без двоумење. Серијата ја имам изгледано четирипати, сите 318 епизоди, низ различни периоди од животот: во детството, тинејџерските години, и последниот пат кога се преселив во Германија, веќе како возрасна личност.

Секое ново гледање ја носи истата приказна, но како да ја гледаш со поинакви очи. Истите сцени будат различни емоции и истите проблеми се пак некако различни, како со секое ново гледање да се идентификуваш со некој нов лик.
Сепак, има нешто што останува непроменето: вербата дека љубовта мора да опстои, и дека страста, онаа внатрешна, исконска, бунтовничка, никогаш не треба да згасне.
Бидејќи токму бунтовниците се тие што го менуваат светот. Додека пак песните на групата често знам да ги пуштам за да се потсетам на тоа убаво време. Сигурен сум дека многумина уште ги знаат текстовите на памет.

Исто така мора да напоменам дека поради оваа серија научив аргентинско-шпански, јазик кој денес го користам на моето работно место.
Дури моите колеги кои го зборуваат шпанскиот јазик како мајчин јазик се чудат како некој може да научи јазик од серија особено како веродостојно може да се впие самиот аргентински акцент и вокабулар.

Понатаму се сеќавам како денес, дека во прво одделение пишувавме писмо до Дедо Мраз, а таму кај мене под број еден стоеше: „Да ги видам Млади Бунтовници во живо“.
Ова патување беше мојот начин да го оживеам тој одамна напишан, но никогаш заборавен сон.
