Никола од Охрид беше сам на концерт на Erreway: „Ми се оствари сонот да ги видам бунтовниците, публиката врескаше без престан“

Мадрид го избрав токму поради концертот и бидејќи никогаш дотогаш не сум бил таму. Со оглед на тоа колку уживав во градот и во концертот, можам да заклучам дека беше апсолутен погодок.

Концертот се одржа во Movistar арената. Иако беше втор датум, салата беше исполнета до последно место.

Стигнав три часа порано, навика стекната во Германија да си на време, за секој случај. Мислев дека ќе бидам единствениот со таква идеја, но пред арената веќе имаше долга редица фанови.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan-13.jpeg

Тие два часа чекање поминаа брзо-бавно. Разговаравме, се смеевме и споделувавме спомени.

Многумина, меѓу кои и јас, носеа маици со логото на серијата, а некои дури и беа облечени како ликовите со препознатливите училишни униформи од Elite Way (приватното училиште од серијата).

Атмосферата беше фантастична. Имаше фанови од секаде, Шпанија, Италија, Русија, Израел, и, секако, јас од Македонија. Сите со една иста причина: да ја видат групата што остави силна трага во нивното детство.

Посебен момент беа семејствата, од луѓе кои биле деца кога се емитуваше серијата, а сега веќе родители, кои го пренеле „аманетот“ на своите деца. Беше навистина убаво да се види тој генерациски мост.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan_copy.jpg

Се чувствуваше некоја топлина и заедништво, како да сме дел од едно големо семејство што се собра по долго време, со музика, сеќавања и многу емоции.

Кога бендот се појави на сцена, чувството беше речиси нереално. Иако поминаа повеќе од две децении, изгледаа речиси исто, повозрасни, секако, но со истата таа препознатлива енергија која нè пленеше кога бевме деца.

Често знаеја да се пошегуваат на паузите дека не можат да трчаат и скокаат како порано (иако се изнатрчаа и изнаскокаа) затоа што се „стари“.

Се заблагодарија не само на фановите од Шпанија туку и на сите тие кои пропатувале километри за да дојдат.

Камила беше особено трогната затоа што публиката неколкупати без престан скандираше „Ками“, „Ками“ па скоро после секоја песна можеа да се видат солзи на нејзините очи и дека навистина ѝ значи љубовта од публиката.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan--30.jpg

Костумите беа „бунтовнички“, впечатливи и ги менуваа неколкупати, секој со стил што совршено се вклопуваше во визуелниот свет на серијата со малку модерен допир.

Од првиот момент се почувствува дека не гледаме само концерт, туку враќање во време, како овие 22+ години никогаш да не се случиле.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan-08.jpeg

Сценографијата беше внимателно осмислена и совршено го доловуваше духот на 2000-тите: Windows XP позадини, MSN и симболите на ерата во која Erreway се формираше.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan40.jpeg

Имаше и мотивациски видеа со членовите на бендот кои ги пуштаа додека тие се преслекуваа, со стил многу сличен на интрото на серијата, а целиот визуелен концепт врескаше „Erreway“ на секој можен начин.

Иако Луисана Лопилато не можеше да присуствува физички, се појави во претходно снимено видео, неочекуван и трогателен момент што разнежи многумина.

Публиката пееше од почеток до крај, без пауза, со полн глас во текот на скоро два и пол часа. Хитовите како „Tiempo“, „Resistiré“, „Será porque te quiero“ и „Para cosas buenas“ одекнуваа во еден глас.

Атмосферата беше полна со љубов, не само кон бендот, туку и меѓу самите фанови. Се чувствуваше заедништво и поддршка каква што ретко се гледа.

Искрено не очекував да вложат толку во настапот, но морам да кажам дека и вокално, музички, технички и емоционално, донесоа еден пакет кој едноставно публиката го прими со отворени раце.

Имаа одличен бенд во живо, танцуваа на добро познатите кореографии, се движеа по сцена со полна енергија и секој детаљ беше на место. Не постоеше момент што беше „празен“ или досаден.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan-02.jpeg

Интересни моменти што би ги издвоил:

  • Ѕвезденото небо на „Sera de dios“ и целиот емотивен акустичен сегмент.
  • Се шегуваа да се скријат сите кои изневеруваат затоа што ќе ја вклучат Kiss камерата (алудирајќи на инцидентот со Колдплеј)
  • Ќерката на Филипе Коломбо (Мануел) беше во публиката и кога почна Кис камерата тој прво покажа на неа, а таа ги преврте очите.
  • Бенџамин Рохас и Фелипе Коломбо (Пабло и Мануел) свиреа гитари во живо и изгледаше како да не сакат да престанат. Во еден момент Бенџамин почна да го влече Фелипе по сцената додека тој свиреше гитара.
  • Огромна експлозија од конфети кон крајот.
  • Емотивна посвета на сите актери од серијата кои веќе не се дел од нас.
  • „Што по ѓаволите се случува, уште не ни е јасно“ - рече Фелипе кога публиката на почеток не можеше да престане да вреска.
  • Кон средина на шоуто излегоа во дресовите на Шпанија при што секој дрес го имаше нивното име.
  • Тотално музичко лудило на „Immortal“.
  • При последната песна ненамерно се откачи здолништето на Камила, па таа изреагира многу слатко, за среќа костумот се состоеше од повеќе парчиња па тој инцидент не предизвика проблем затоа што таа брзо го крена од земјата и повторно го намести.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan--.jpg

Кликнете на видеото:

По концертот, чекорев по Мадрид до мојот хотел со полно срце. Не само што ми се исполни еден од најстарите детски соништа, туку добив спомени што ќе го паметам засекогаш.

Концертот апсолутно вреди, не само за фановите на серијата, туку за секој што сака да доживее нешто искрено, носталгично и енергично. За мене, ова не беше само концерт. Беше поврзување со дел од себе што одамна сум го оставил некаде во времето. И да го обожавав и уживав секој момент“.

nikola-od-ohrid-beshe-sam-na-koncert-na-erreway-mi-se-ostvari-sonot-da-gi-vidam-buntovnicite-vo-zhivo-publikata-vreskashe-bez-prestan-11.jpeg

Погледнете уште неколку видеа што ни ги испрати Никола: 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело



Најчитани неделава