Антониа Гиговска побара ѕвездено небо од публиката, ноќ со многу емоции во Штип - Како беше на концертот во чест на Тоше?
- Детали
- петок, 22 август 2025
За некои најемотивниот момент беше кога српската пејачка Александра Радовиќ, во чест на Тоше ја испеа „Чија си“, песната со која тој победи на Беовизија во 2003 година, а на која таа, заедно со Леонтина, ги испеаја пратечките вокали.

Вчеравечер во Домот на млади во Штип се одржа вториот трибјут концерт во чест на Тоше Проески.
Неговите најголеми хитови, овој пат ги пееја помладите колеги, кои никогаш немаа можност да го запознаат, но и музичари кои соработуваа и се дружеа со него.

А Штип скоро пет часа гореше од емоции. Секоја нова песна предизвикуваше и насмевка и кнедла во грлото кај публиката.
Малку среќа, малку тага, но и спомени кај сите оние кои растеа и дишеа со песните на Тоше.

Бени Нон Стоп ја испеа „Вежи ме за себе“, Мартинијан Кириловски внесе многу емоции во „Тајно моја“ и „Ако ме погледнеш во очи“, а Мики Секуловски ја размрда публиката со „Никој како тебе не бакнува“.

Антониа Гиговска ги испеа „Јас не сум виновен“ и „Соба за тага“, па додека пееше, побара од публиката да ѝ направи ѕвездено небо во чест на Тоше.
„Оваа песна ми е омилена, да ја пееме заедно“, рече таа, а неколкупати им ги земаше и телефоните на фановите кои беа во првите редови за да направи селфи со нив.

Зад сцената, пак, околу неа постојано имаше дечиња кои сакаа да се фотографираат со омилената пејачка, да снимат видео за ТикTок на кое пеат некои од нејзините песни...

На едно момче, Антониа му се потпиша со фломастер на белата маичка, за да има нејзин автограм како спомен засекогаш.

Подеднакво емотивно беше и кога на сцената излезе штипјанецот Зоран Илиев и ја запеа „Громови на душа“.
Тој ги повика и останатите пејачи да му се приклучат на сцената, па сите заедно ја испеаја песната која фановите на Тоше и денес ја сакаат.

Силниот ветер во Штип не влијаеше на расположението на публиката - сите се забавуваа, играа, снимаа видеа и пееја на цел глас, исто како на концертите на Тоше.

За некои најубавиот дел од концертот беше настапот на српската пејачка Александра Радовиќ, која во чест на Тоше ја испеа „Чија си“, песната со која тој победи на Беовизија во 2003 година, а на која Радовиќ, заедно со Леонтина, ги испеа пратечките вокали.

Водители на настанот беа Миро Кацаров и Верица Донев.

А. Ј. | Црнобело