Хари Мата Хари одличен во Скопје - Публиката на нозе за концертот на сараевскиот шармер
- Детали
- сабота, 25 октомври 2025
Од „Прстен и златни ланац“ до „Баш ти лепо стоје сузе“ и „Лејла“, Хари Мата Хари на концертот во Скопје покажа зошто и по 40 години кариера, сè уште трае и е меѓу најпопуларните пејачи во регионот.

Хари Варешановиќ, познат како Хари Мата Хари вчеравечер (24.10) одржа концерт во Скопје.
А во салата „Јане Сандански“ се собраа неколку генерации негови обожаватели - луѓе кои растеа со хитовите на пејачот, но и помлади кои ги слушале песните преку нивните родители.
Два часа тој ја држеше публиката на нозе. Од звуците на првата испеана песна, па до последната, кога го вратија на бис, Хари не застана.
Тој пееше, се шегуваше на моменти, комуницираше со македонската публика...
А гласот - ист како и пред многу години кога првпат го слушнав на концерт кај нас, или кога пееше на Евровизија во Атина, па таму го направив и првото интервју со него.
Додека се нижеа хитовите, публиката на моменти беше носталгична по едни убави минати времиња, а на моменти беше еуфорична кога ќе почнеше да се пее нивната омилена песна.
Два часа, во интимна атмосфера, пред околу 2.500 луѓе, Хари пееше и за публиката, но и за своја душа и остави впечаток дека и тој ужива во друштво на македонската публика.
Повеќе фотографии:
Прочитајте и Хари Мата Хари за CRNOBELO: „Ги сакам прошетките низ Старата скопска чаршија, Македонките имаат поглед кој не се заборава“
А. Ј. | Црнобело / фото: Стефан Божаров