Најемотивните моменти на Макфест 2025 - Коки пееше сам без Дуле, Стојан Троицки се расплака за наградата за животно дело
- Детали
- понеделник, 27 октомври 2025
„Како ми е? Еве вака... тажно, сам... Дуле го нема покрај мене. Ме фати трема на крајот, гласот ми затрепери кога требаше да кажам два-три збора. Иако, мислам дека вчера ми беше потешко“ - рече Коки за CRNOBELO.com откако сам ја испеа „Виолина и гитара“.

Изминатиот викенд во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа 40-тото јубилејно издание на „Макфест“, еден од фестивалите со најдолга традиција кај нас.

40 години нова музика, преку 1.200 песни испеани на фестивалската сцена, 40 години поддршка за младите пејачи, 4 децении во кои се создадоа вистински евергрини кои публиката ги обожава и денес.

А токму тоа се покажа на третата вечер на фестивалот, каде што беа изведени 16 хитови, кои настанаа од почетокот на фестивалот, па до денес, селекција на дел од најслушаните песни од „Макфест“.
Овие песни ја поттикнаа најголемата бура од емоции кај штипската публика - на моменти слушаа со кнедла во грлото, на моменти со насмеани лица на цел глас ги пееја рефрените кои се синоним за „Макфест“.
Трајче Манев ја отвори вечерта со неговата „Осамен“, и иако остарен, со малку сменет глас, со многу емоција ја отпеа песната и доби громогласен аплауз, а по својот настап побара публиката уште еднаш да го запее рефренот со него.
Подеднакво емотивно беше и враќањето на Росана Сариќ Тодоровска, која без сестра ѝ Маријана ја испеа песната „Признавам“.
„Уште не можам да се свестам колкава љубов добив. Мислев нè заборавиле, јас одамна се повлеков од музиката... добро, пеам понекогаш јавно, ама тоа не е онака како што беше. Оваа ми врати многу спомени“ - рече Росана за CRNOBELO.com по нејзиниот настап.
Но, можеби најтажен момент вечерта беше кога Коки Јанков излезе сам на сцената, без неговиот другар Дуле Љубисављевиќ, за да ја испее „Виолина и гитара“, победничката од 1996-та.