Најемотивните моменти на Макфест 2025 - Коки пееше сам без Дуле, Стојан Троицки се расплака за наградата за животно дело
„Макфест“ за својот јубилеј реши да им оддаде признание и на луѓето од зад сцената, кои со години работат на фестивалот, кои ги поставија неговите темели, го обликуваа во она што е денес.
Организаторите му врачија награда за животно дело на Стојан Троицки, човекот за кого велат дека е „таткото на Макфест“ и основач на фестивалот.
Иако во деветтата деценија од животот, тој излезе на сцената да ја прими наградата. И во моментот штом го слушна аплаузот од публиката, ја стави раката на лице и почна да плаче од емоции.
„Се поклонувам на градот Штип што успеа 40 години да го финансира и одржува ова чудо. Би бил многу посреќен тука до мене да беа моите соработници, раководителите на уметничка програма.
Морам да го споменам: Славе Димитров, Љупчо Мирковски, Валентино Скендеровски, Кристијан Габровски, и првиот уметнички директор на Макфест - штипјанецот Кирил Милев. Благодарам уште еднаш“, кажа Троицки, кој цели 25 години, од 1986 до 2009 беше прв човек на фестивалот.
Првата вечер на Макфест почна со делот посветен на Андреј и Панчо од ДНК, кои низ годините неколкупати настапија на фестивалот, но и на останатите членови од бендот кои загинаа во Кочани.

Зоран Илиев, кој е и поранешен победник на фестивалот, својата песна „Најмила“ во ревијалната вечер им ја посвети токму на ДНК, Тоше Проески и Филип Стевановски, музичар од Штип, кој загина во Кочани, а кој е автор на песната.
Ова е, всушност последната песна што ја напишал Филип пред да загине на 16-ти март во пожарот во Пулс.
Тој беше директор на Центарот на култура „Ацо Шопов“, а сега постои иницијатива, оркестарот на Макфест од следната година да го носи неговото име.

Зоран на крајот на својот настап извади банер со нивните фотографии и порака „Аплаузот беше за вас“.
Макфест оваа година реши да ги награди и медиумите кои со години го следат фестивалот и известуваат за него, а редакцијата на CRNOBELO.com доби статуетка која од денес ќе има почесно место во нашата канцеларија.

Прочитајте и Модата на третата вечер на Макфест 2025 (фото)
А. Ј. | Црнобело