Браво! „Тешкото“ се ореше во Виена, стоечки овации на историскиот концерт на Македонската филхармонија во Австрија
- Детали
- четврток, 30 октомври 2025
„Излегуваме на сцената на Златната сала во Виена, а таа преполна, можеби стотина празни места од близу две илјади колку што е нејзиниот капацитет. Трепет, ежење, одговорност, трема, тресење на секој мускул...“ - вели еден од членовите на Македонската филхармонија, која имаше историски настап во Виена.

Македонската филхармонија на 28.10 одржа спектакуларен концерт во Златната сала на Музикферајн во Виена, која е една од најпрестижните концертни сали во светот.

На концертот пееја и нашите Игор и Ана Дурловски, кои со своите волшебни гласови ја дополнија магијата која се случуваше во Виена.

„Спектакуларен, историски настап на Македонската филхармонија во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена. Непосреден повод - 80-годишнината од основањето на оркестарот и 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
Честитки до маестро Јерухам Шаровски и до сензационалните оперски уметници Ана и Игор Дурловски.

Повеќеминутни стоечки овации. Бис настапот беше неизбежен.
Вистински амбасадори кои на единствен начин ја претставуваат и ја презентираат македонската култура и уметност во светските културни центри.
Капа долу“, пишува на Фејсбук страницата на нашата амбасада во Австрија.

Воодушевен од класичната изведба на „Тешкото“, нашиот тенор Игор Цуцковски, кој присуствуваше на концертот, објави кратко видео на Инстаграм.
„Да се чуе ‘Тешкото’ во Музикферајн! Браво!“ - напиша тој.