Браво! „Тешкото“ се ореше во Виена, стоечки овации на историскиот концерт на Македонската филхармонија во Австрија
Своето воодушевување од тоа што го доживеал на сцената го сподели и еден од членовите на оркестарот, Марко Виденовиќ, преку Фејсбук.
„Излегуваме на сцената на Златната сала во Виена, а таа преполна, можеби стотина празни места од близу две илјади колку што е нејзиниот капацитет.
Јас умеам со зборови, ми дал Господ дарба, барем така ми кажуваат многу луѓе, малку нескромно е можеби ова од моја страна, но тоа е, сепак, ова чувство не умеам да го опишам со збор.
Трепет, ежење, одговорност, трема, тресење на секој мускул...

Брз поглед низ публиката, и таму еден куп познати лица од Македонија, наши колеги, пријатели, наши поддржувачи кои допатувале на своја режија за само и само да бидат со нас и да не поддржат, а во нивните очи некоја енергија која ти дава сила да полеташ.
По првиот отсвирен тон магијата почна да работи. За да биде уште поволшебно, на сцената излегуваат Ана и Игор Дурловски, е дури за ова немам зборови да опишам.

Солзи кај нас на сцената, солзи во публиката, кулминација на совршеноста. На крајот остануваме повторно сами, ние уметниците од Македонската филхармонија, и се создава уште една магија.
Аплауз од скоро пет-шест минути, можеби и повеќе, нормално бис и скоро две илјади среќни души.

Да усреќиш еден човек е огромен успех, а замислете ако тоа го постигнете кај скоро две илјади, неописливо чувство“, пишува, меѓу другото, тој во својата објава.
