„Ареа“ е бенд на сите генерации – концертот во Скопје ја врати магијата на 90-тите
- Детали
- недела, 09 ноември 2025
На синоќешниот концерт „Ареа“ уште еднаш покажаа и докажаа дека се бенд кој е омилен за многу генерации. Беше навистина уживање да се биде меѓу прекрасна публика, постари, помлади, родители миленијалци кои пред четврт век уживале во сите овие хитови сега со своите веќе поголеми деца од над 10 години кои пееја во еден глас со своите мајки и татковци.

Јас сум дете кое порасна со албумот „Врати на имагинација“. Како вчера го памтам концертот на преполниот Скопски саем – ние, 4 другарки, прва година средно. Сите песни ги знаевме на памет до последно. Беше тоа период кога македонската музика беше според мене на врвот. Во диско се чекаа македонски хитови. Дома на распуст ги вртевме цд-ињата од „Ареа“ и „Нокаут“ по цели денови.
И навистина ми беше мерак кога слушнав дека 25 години подоцна „Ареа“ прославува четврт век од еден од моите омилени албуми со концерт во Скопје.

На синоќешниот концерт „Ареа“ уште еднаш покажаа и докажаа дека се бенд кој е омилен за многу генерации. Беше навистина уживање да се биде меѓу прекрасна публика, постари, помлади, родители миленијалци кои пред четврт век уживале во сите овие хитови сега со своите веќе поголеми деца од над 10 години. „Првиот албум го издадовме во 1992, веројатно голем дел од вас тогаш не биле ни родени“ – рече Ружица.

Се нижеа омилените хитови „Ти би сакал“, „Фрекфенција на љубовта“, па сите во еден глас со публиката „Одведи ме“, „Нешто недостасува“, „Јас сум ти пријател“, „Кај што си ти“, „Очи ангелски“ со Јанг Дади...
А бендот – перфекција. Па тоа се „музичаришта“. Толку скромни отсекогаш, природни и спонтани. Ружица изгледа исто како пред 20 години. Енергијата ѝ е прекрасна, гласот незаменлив – вокал каков што нема во Македонија.

„Зошто да викаме гости кога самите ние ги свириме сите инструменти?“ – и навистина, толку умешно менуваа гитара со хармоника без никаков проблем.
За крај ја чуваа „Сите мои слики“, песна која е вистински евергрин и салата ечеше од грлата на бројната публика. Јас сум сигурна дека не поминува ниту една свирка во државава без оваа песна, ниту еден роденден и забава.

Прекрасна енергија и публика – навистина. Успешно ги вративме на бис за да уживаме во уште две песни, и си заминавме насмеани и полни со позитивни впечатоци.

Ви благодариме „Ареа“ и навистина треба да создавате повеќе музика и да ве слушаме почесто во живо!
Е. П. | Црнобело / фото: crnobelo.com