„Додека смртта не нѐ раздели“ ‒ Кога симболот на љубовта и надежта станува симбол на отпорот

Со уметнички перформанс одржан во Чифте амам на 17 ноември, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство ја започна кампањата „Додека смртта не нè раздели“, насочена кон спречување на фемицидот ‒ едно од најактуелните општествени прашања, не само во Македонија, туку и во целиот регион.

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-02.jpg

Кампањата беше поддржана од познатата модна дизајнерка Моника Коцарева, чија уникатна црна венчаница, како централен дел во перформансот, стана моќен симбол на борбата против фемицидот.

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-05.jpg

„Во последните десет години, повеќе од 110 жени беа убиени , во повеќе од 70% сторителите се интимни партнери. Тоа значи дека системот не препознал. Не заштитил. Не спречил. Затоа ја започнуваме кампањата ‘Додека смртта не не раздели’ – не како фраза, туку како предупредување. За некои жени, зборовите што ги поврзуваме со љубов стануваат пресуда. Оваа кампања е сведоштво за болката, но и за отпорот. Повик е до институциите, медиумите и секој од нас – да не дозволиме ниту една повеќе.“ вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-06.jpg

Под слоганот „Додека смртта не нè раздели“, кампањата се фокусира на информирање и едукација на јавноста за начините на препознавање на моделите на однесување што најчесто водат до фемицид ‒ и како да му се помогне на некој што може да се најде во опасност. Кампањата опфаќа широка целна група и различни канали како што се социјалните медиуми, билбордите, огласи и др. со цел да го пренесе апелот за превентивно дејствување и спречување на идните случаи на фемицид.

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-04.jpg

Алармантната статистика покажува дека во половина од случаите, сторителите биле претходно пријавени, а во повеќето случаи, тие биле интимни партнери на жртвите. Домот ‒ место што треба да претставува безбедност – и натаму останува најопасното место за жените што доживуваат насилство.

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-07.jpg

Токму затоа, црната венчаница, креирана од Моника Коцарева, е претставена во рамките на кампањата како симбол на сеќавање и предупредување. Венчаницата, која обично е знак на љубов, надеж и нови почетоци, овде нè потсетува на жените што ги загубиле своите животи поради насилство ‒ и на одговорноста на општеството да реагира навреме. Преку овој силен симбол, кампањата станува глас на отпорот кон фемицидот и повик за колективно дејствување.

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-08.jpg

dodeka-smrtta-ne-nе-razdeli-koga-simbolot-na-ljubovta-i-nadezhta-stanuva-simbol-na-otporot-09.jpg

 “Секој случај на фемицид е длабок неуспех - на институциите, на заедниците и на надлежните наменети да го заштитат животот и достоинството. Ова се животи изгубени не случајно, туку како резултат на целно, родово базирано насилство. И зад секоја статистика стои личност чија иднина е одземена, а чие отсуство длабоко ќе остави белег. Денес, отворено зборувајќи за фемицидот, ја потврдуваме нашата посветеност да го заштитиме правото на секоја жена да живее безбедно, слободно и без страв. Нека ова биде повик за акција, не само со зборови, туку и со значајни, трајни промени.” – изјави Моника Коцарева.

Да го спречиме фемицидот заедно.

Најчитани неделава