Како си поминав на стендапот на Тино и Атанас?
- Детали
- понеделник, 24 ноември 2025
Кога излегов од дома за да ја гледам „На линија“ на Тино и Атанас, искрено немав никакви очекувања. Од стендапот си заминав со насмевка, понесена од позитивната енергија и на публиката и на четворицата актери-комичари. И да бидам искрена, ако в година прават нов стендап - ќе бидам таму. И ќе аплаудирам со сите што ракоплескаа на коментарот: „Ако има некој што беше лани во оваа сала, може ли аплауз, да се преброиме...“.

Тино и Атанас или ги обожавате или не ви се смешни. Јас сум од оние што се на средина, што мислат дека имаат добри „смешки“, ама дека не треба да се виткам од смеење секојпат кога ќе кажат ци**и или к*р.
А во публиката на нивниот вчерашен стенд-ап имаше и такви кои се „газеа“ од смеење, но и луѓе кои како да беа дојдени да им докажат дека не се забавни, па едвај „пуштаа“ по некоја насмевка.

Но, да почнам од почеток.
Кога излегов од дома за да ја гледам „На линија“, искрено немав никакви очекувања. Ама, мора да признаам дека си поминав баш фино.
Начинот на кој Тино го имитираше Слаткар ме изнасмеа, зашто „го скина“ одлично. И си ги замислив двајцата како разговараат, како да е и Слаткар пред мене, а не само Тино да го „глуми“ со неговиот глас.

Од видеата, пак, што сум ги ѕирнала на Инстаграм, знам дека секогаш бараат од публиката поговорки.
Ама не ми се веруваше дека толку многу луѓе од публиката ќе се „потепаат“ кој да каже поговорка, и чија фраза да биде вклучена во стендапот.
Па дофрлаа гласно, стануваа од столчињата за Тино и Атанас да ги видат, па неколкумина зборуваа истовремено од разни страни на салата, пробувајќи да се надвикаат.

Во моментот кога слушнав како ги вклопуваат поговорките во сценариото, и колкава е всушност нивната моќ за импровизација, ми стана јасно зошто после неколку распродадени сали лани, успеаја да распродадат две сали и годинава.
Празни места немаше, ама имаше многу смеа, одлична забава, шеги на нивна сметка. Додуша, имаше и многу пцовки и вулгарности, можеби и премногу за мој вкус.

Но, имаа добар хумор. До толку добар, што, Атанас, слушајќи го Тино, во еден момент само дофрли: „Па, и јас би платил карта за ова“.
Од стендапот си заминав со насмевка, расположена, понесена од позитивната енергија и на публиката и на четворицата актери-комичари (зашто претставата ја отворија Александар Михајловски и Антонио Ташковски - или, што би рекол „Син на мајка“: „Абе не отвараме ние за нив, они затвараат за нас“).

И да бидам искрена, ако в година прават нов стендап - ќе бидам таму. Зашто ни требаат вакви настани, полни со смеа и позитивна енергија, кога барем за кратко сите ќе заборавиме на проблемите, ќе се препуштиме на моментот и ќе уживаме.
И ќе аплаудирам заедно со сите оние што ракоплескаа на коментарот: „Ако има некој што беше лани во оваа сала, може ли аплауз, да се преброиме...“.

Атанас, Тино, браво, капа доле!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм