Текстилна изложба „Еко Руба“ на Марина Заркова - креации од преработен отпаден текстил, инспирирани од традиционални фолклорни мотиви
- Детали
- четврток, 27 ноември 2025
Во Културниот центар „Ацо Шопов“ во Штип, од 18 до 22 ноември се одржа изложбата „Еко Руба“ - проект што ја спои традицијата, уметноста и современата еколошка свест во единствена текстилна приказна.

Авторката, Марина Заркова која со години го истражува богатството на фолклорните мотиви со заложба за зачувување на текстилното наследство, но и заложба за грижа на текстилните остатоци и екосистемот во Штип. Изложбената поставка привлече бројна публика од сите генерации.

Фолклорот како неисцрпна инспирација
Во центарот на изложбата стои македонската носија - не само како визуелна инспирација, туку и како модел на одржливост.
„Еко Руба е инспирирана од одржливиот пристап кој нашите предци го имале кон облекувањето,“ вели таа.
„Се служеле со материјали што сами ги обработувале, славејќи го животот и природата.“

На изложбата, посетителите можеа да се запознаат со природен памук кој Марина сама го одгледува во својот двор во Штип. Ставајќи го акцентот на важноста на природните материјали. На девет диспјеи беа представени 16 облековни елементи - современи креации од отпаден текстил, збогатени со традиционални симболи од скутината - окото, ѕвездата и ромбот, мотив што отсекогаш ја означувал плодноста и обновата.

Иако најбогат текстилен архаичен слој се среќава во западномакедонските области, авторката намерно го свртува вниманието кон источниот регион.
„Таму има наследство што е навидум пооскудно, но всушност длабоко потценето и недоволно истражено. Токму во тие заборавени нишки лежи нов потенцијал.“ вели Марина.

Изложбата како културен дијалог
„Еко Руба“ се покажа како повеќе од уметничка поставка - стана простор за дијалог за одржливост. Посебно впечатлив беше интересот на средношколците, кои со своите професори активно дискутираа за екологија, моден дизајн и зачувување на текстилната традиција.

„Културните манифестации се храна за љубителите, но и лекција за новата публика,“ нагласува дизајнерката.
„Со високо надахната и великодушна публика, текстилното наследство има сигурна иднина.“









