Јала Брат и Буба Корели го кренаа Скопје на нозе - два распродадени концерти, илјадници млади во публика: „Ова е епско“
- Детали
- недела, 30 ноември 2025
Одлична забава викендов во Скопје - позитивна енергија и распеана публика на двата концерта на Јала Брат и Буба Корели, а неколкумина фанови успеаја и да се сретнат со нив. Тие на Корели му подарија и знаме со неговиот лик.

Босанските музичари Јала Брат и Буба Корели, викендов одржаа два концерта во Скопје.
Тие успеаја двапати да ја распродадат салата „Јане Сандански“ и да соберат илјадници млади во публика, нешто што не се случило одамна, особено кога се во прашање тинејџерите.

Групи средношколци, помлади деца во придружба на родители, но и некој повозрасен, беа во публиката во Скопје. Се забавуваа, пееја, скокаа, снимаа видеа на концертот.
„Ова е епско“, стои на едно од видеата што ги објавија организаторите, а кои споделија дел од атмосферата, каде се гледа дека буквално сите се на нозе.

Дел од обожавателите се сретнаа со двајцата музичари и се фотографираа со нив во бекстејџот, а си добија и маички како подарок.
Корели, пак, од една обожавателка доби знаме со неговиот лик.

Специјален гостин на концертот на Јала Брат и Буба Корели беше нашиот рапер Таско.
Откако застана пред преполната сала, тој на својот Инстаграм објави видео со порака:
„Кога имаш 20-ина години некој ќе ти рече дека твоите соништа се преголеми. Многу е важно да не ги слушаш туку да се обидеш да ги оствариш“.
Концертите на Јала Брат и Буба Корели се дел од нивната GOAT турнеја.
Кликнете на видеата и погледнете дел од атмосферата:
А. Ј. | Црнобело