Изложба на ретро предмети и стари телефони на Александар Радичевски во Гостивар
- Детали
- недела, 21 декември 2025
Во Домот на култура АСНОМ во Гостивар вечерва (21.12) ќе биде отворена изложбата „Поглед кон минатото“ на Александар Радичевски со ретро предмети и телефони кои датираат од 1717 до 1986 година.

На оваа изложба ќе бидат прикажани 100 ретро телефони (од Првата Светска Војна па се до 1986 година) и ретро предмети кои датираат од 17ти век па се до 1986 година.
„Ова е моја прва изложба од ваков карактер, на ретро стари предмети и телефонија, воедно 3та по ред. Првата беше на тема фотографија. Втората беше на тема фотографија и рачни изработки на 3Д слики (инсталации) со природни камчиња и материјали“ - вели авторот.
Меѓу многуте предмети ќе се приложи и првиот бакалитен телефон на компанијата ЕРИКСОН од 1931 година од Шведска. Исто така на оваа изложба ќе бидат изложени и телефоните Пупин именувани по Српско-Американскиот научник и иноватор Михајло Пупин, железнички телефон ТЕСЛА, Словачка 1950, како и СИНГЕР машина за шиење од 1923 година, Обединето Кралство, Шкотска, еротски отварач од лиено железо, 1890 година, од Ирска, кантар од 17ти век, од Турција, пегла на жар 1890-1919, од Унгарија, позлатени кројачки ножици Солинген, од Германија и многу други.

„Мојата работа и посветеност на оваа изложба се фокусираат на зачувување на комуникациската историја со посебен осврт на технолошката и културолошката важност на уредите и комуникацијата во таа доба од развитокот на технологијата“.
На изложбата, рецензенти се: кустосот на Дом на Култура АСНОМ- Гостивар, Валентина Тасеска и писателот Александар Михајловиќ.
На почетокот на 2026 година, исто така планирана е изложба и во Скопје.
