Владо Јаневски и Бајага за CRNOBELO: „Нашето пријателство трае половина живот“
- Детали
- среда, 28 јануари 2026
„Двајцата со Бајага сме перфекционисти за текстови, секоја една буква мора да е на место, да ни се допаѓа секој напишан збор во текстот. Тое е таа една нишка по која сме исти и се разбираме, затоа и се почитуваме преку 30 години“, рече Владо Јаневски.

Чаирскиот романтичар Владо Јаневски и пејачот со највпечатливиот длабок глас во регионот Момчило Бајагиќ Бајага, на 14 февруари ќе одржат заеднички концерт во Скопје.
Организаторите „Авалон продукција“ најавија шоу што ќе трае повеќе од 4 часа, време во кое двете ѕвезди ќе испеат преку 40 свои хитови.
А најголемиот дел од нив ќе бидат посветени на љубовта, која и Владо и Бајага ја опеваат во своите песни.

На само неколку дена пред скопскиот концерт, Владо и Бајага се дружеа со македонските новинари, а на прес конференцијата зборуваа и за концертот, но и за нивното пријателство што трае преку 30 години.
„Ние имаме мисија да ѝ го дадеме на публиката најдоброто, да се среќни, расположени и да добијат што е можно повеќе за парите што ги плаќаат“ - рече Владо.

„Мислам дека е добра прилика што ќе пееме заедно, а уште повеќе што е денот на заљубените.
Јас уште ги славам моите 40 години кариера, оние што ги почнав пред 2 години, а во Скопје немав голем концерт како дел од турнејата, па се радувам што ќе бидеме конечно тука“ - додаде Бајага.

Двајцата музичари се знаат долго, од времето кога Јаневски ја почнуваше својата соло кариера и кога, како што рече, никој кај нас не му давал шанса, но тој решил да стигне до Бајага и да направи песна со него.
На прес конференцијата ги прашавме дали поради оваа нивна блискост и соработка на 14 февруари ќе застанат заедно на сцената и ќе испеат барем една песна заедно?
„Природно е да се случи тоа. Ние имаме долга биографија заедно, пола живот се знаеме и имаме допирни точки.
Јас на почетокот на кариера, кога го правев првиот албум, му побарав дозвола да ја препеам неговата песна ‘Твоје очи’. Таа беше една од главните балади кога почнував.
Во поново време ми ја напиша ‘Ајде води ме’ кога ми требаше сингл за албумот во Хрватска, тоа е негова композиција и негов текст, јас направив препев.

Така што имаме допирни точки заедно, но треба допрва да седнеме, да видиме што тоа ние можеме да искомбинираме за да направиме изненадување, да се усогласиме.
Ама, поради сите овие допирни точки не исклучуваме дека нешто такво навистина ќе биде“, рече Владо за CRNOBELO.com.

„Да, имаме време сега да смислиме нешто сега, мислам дека тоа би ѝ се допаднало и на публиката“, додаде Бајага.

Според Владо, освен што двајцата имаат долги кариери, и пријателство што трае долго, постои уште една работа по која се многу слични, а тоа е љубовта кон пишаниот збор.
„Текстовите, тоа е таа една нишка што нè врзува.
Двајцата сме перфекционисти за текстови, секоја една буква мора да е на место, да ни се допаѓа секој напишан збор во текстот за да сме задоволни со тоа што го пишуваме и во однос на тоа навистина се разбираме еден со друг“, заврши Јаневски.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело