„Бев на претставата 'Кец на десетка' во МНТ, беше преполно до последно столче и се смеев до солзи“
- Детали
- понеделник, 02 февруари 2026
Маестралниот Александар Микиќ уште еднаш одржа лекција по глума, а мегаталентираната Тања Кочовска нè смееше до солзи само со поглед... Ќе ја гледате претставата и ќе климате со главата „Да, така е, ова се тие сцени од реалноста“... И ова ќе ви бидат најзабавните 75 минути во последно време.

Претставата „Кец на десетка“ е постара и се игра од 2017 година, но јас дури неодамна, по игра на случајности, имав можност да ја погледнам.
И впечатоците? Смеење на глас и буквално до солзи. И не само јас, туку и целата публика која беше на малата сцена во МНТ.
Беше полно до последното столче, а „Кец на десетка“ докажа зошто сега, на 19-ти февруари, ќе ја има својата 100-та изведба.

На сцената гледаме само 4 актери, но со таква енергија и неверојатен талент за глума, што се доволни за комплетно да впловите во приказната.
Приказна за семејните односи, за „глумењето“ совршенство во име на околината, за секогаш скокотливата ситуација – запознавање на идниот зет и соодветно претставување пред него.
Таткото Доксе маестрално го глумеше Александар Микиќ. Буквално издоминира!

Мајката Грациела беше Тања Кочовска, која со таква леснотија, со толку природност, буквално со само еден поглед ја смееше публиката.

Ликот на Ана го игра Нина Деан (нејзина алтернација е Софиа Насевска - Трифуновска). Таа ни ги долови модерните трендови со лајв јавувања на Инстаграм и со презентирање на разгаленоста на денешната младина.
А во улогата на идниот зет Тоше го видовме Ивица Димитријевиќ, кој преку поезија овековечуваше што се случува во ова сосема (не)обично семејство.

И сцените од секојдневието... Од коцкање и неверство до разводи и предрасуди, сето тоа претставено преку комична нота, што ве смее додека климате со главата „Да, така е, ова се тие сцени од реалноста“...
И таму ја препознавате и судбината на вашата сосетка и на колегата од работа, па дури и сегменти од вашата судбина.
И на крајот од изведбата, по 75 минути уживање, си заминувате жедни за уште, жедни за повеќе.

И повторно се себепрекорувате како одите на театар, но сепак недоволно често, според вашите критериуми.
И си задавате задача која претстава да ја изгледате наредна, затоа што веќе треба да купите билети, бидејќи за некои претстави се и месеци однапред распродадени.
Скопје дефинитивно има театарска публика, а за карта во МНТ секогаш е турканица.
Билети за 100-тата изведба на „Кец на десетка“ ТУКА...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело