Неуморно пеење во еден глас, преполна сала: Четиричасовно уживање на концертот на Владо Јаневски и Бајага

Синоќешниот концерт на Владо Јаневски и Бајага беше еден од најубавите настани во последниве години. Добивме два концерта во една вечер, си заминавме насмеани и распеани заслужено.

neumorno-peenje-vo-eden-glas-prepolna-sala-chetirichasovno-uzhivanje-na-koncertot-na-vlado-janevski-i-bajaga-01_copy.jpg

Владо Јаневски ја носи истата енергија како пред 30 години. Уживавме во сите хитови – од оние кои сме ги пееле уште како деца во основно „Нусе нусе“ и „10 девојки“ па сè до најновата песна објавена неодамна „Принчипеса“. Неспорно е да се каже дека Владо нема песна која не е хит и тој е вистински мајстор за евергрини.

Неуморно се нижеа омилените скопски песни „Евергрин“, „Ова е само наше Скопје“, омилените на публиката „Чаирска романтика“, „Црно тиквешко“, „Тајна отровна“, „И тогаш некоја будала“...

„Оваа песна ѝ ја посветуваме на нашата Сара, неа и беше омилена“ – „Тајна отровна“ ѝ ја посветија на прерано починатата Сара која го загуби животот во Кочани. Ана Костадиновска, Стево Чепишевски и Теа Богатинова беа придружни вокали на сцената и од срце пееја за Сара.

„Ние би пееле до сабајле за вас, но мора да ја отстапиме сцената на Бајага“ – по двочасовниот настап, ја предаде сцената на „доброто момче на југословенскиот рокенрол“.

Беше вистинско уживање да ја гледате публиката во која имаше буквално деца од 10 години како ги пеат нивните хитови.

Започнаа со најубавите романтични балади, а потоа продолжија со нивните препознатливи весели хитови: „Живот је некад сив, некад жут“, „Лепа Јања“, „Моји су другови“.

Гитаристот Жика Миленковиќ ги најавуваше песните симпатично на македонски јазик, целиот бенд уживаше на сцената, Бајага „ноншалантен“ но неуморен на гитарата – годините дефинитивно не им можат ништо.

На бис ни ги отпеаја дел од најубавите балади, а публиката верно пееше во еден глас и во 1 часот по полноќ после повеќе од 4 часа концерт.

Се сомневав дека ќе се издржи 5 часа стоење во фан пит, но, издржавме машки и уживавме од првата до последната песна.

„Авалон“, со нетрпение очекуваме уште многу маестрални концерти годинава!

Е. П. | Црнобело

Најчитани неделава