Иван Босиљчиќ ја отпеа „Тајно моја“, а Јелена Томашевиќ „Македонско девојче“ – Спектакуларен концерт во Скопје на најубавиот пар (видео)
- Детали
- недела, 08 март 2026
Заедно пред публиката во Скопје ја отпеаја „Елено ќерко“, Иван Босиљчиќ воодушеви со својот шарм, енергија, романтични и поетски рецитации и моќни изведби сам и со сопругата, а Јелена Томашевиќ освојуваше со својот моќен и ангелски глас – најубавиот пар во регионот одржа концерт за паметење во Скопје синоќа.

Вчеравечер во Македонската Филхармонија концерт одржа еден од најубавите уметнички парови во регионот, Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ, во придружба на симфониски оркестар.
Тие на сцената освојуваа со своите гласовни способности, се потрудија да прозборат на македонски, отпеаја и неколку македонски песни, но и го покажаа својот шарм и меѓусебна љубовна енергија.
Јелена изгледаше прекрасно и блескаше во сребрена тоалета со долг плашт, а Иван зрачеше со елеганција во црн смокинг, двајцата беа совршени, а тој не пропушташе прилика јавно да изрази љубов на сопругата и да каже колку е горд на неа.

Томашевиќ со својот ангелски глас и моќен вокал ги нижеше своите најголеми хитови додека публиката ги пееше во еден глас, но ја отпеа и „Македонско девојче“, а освен заедничките изведби во дует со Иван, му отстапи простор и му ја препушти сцената само него.
Тој ја освои публиката со својот шарм, енергија, танцување, природност и талент, а спојот на актерски и пејачки, но и поетски способности, беше идеално спакуван во неверојатен перформанс.

Босиљчиќ маестрално ја изведе „Џипси сонг“ од Влатко Стефановски, со посвета на сите кои се далеку од нас ја отпеа „Тајно моја“ од Тоше Проески, воодушеви со своите емотивни и моќни рецитации, а ја крена атмосферата во салата со неколку стари руски народни песни.
На крајот добија громогласен аплауз, трипати се враќаа на бис, па уште еднаш ја отпеаја „Stranac u noći“, песната од Масимо Савиќ со која и го започнаа концертот, а овој пат придружени од публиката која беше на нозе.
Јелена и Иван се доказ дека кога љубовта, талентот и уметноста се испреплетуваат и во животот и на сцената, се случува магија што остава длабока трага во срцата на публиката.
М. М. | Црнобело
