Промоција на книгата „Јас сум Ален“ од авторот Ален Мухиќ во Скопје
- Детали
- понеделник, 23 март 2026
Оваа пролет во Скопје доаѓа Ален Мухиќ, автор на книгата „Јас сум Ален“, со цел да ја претстави пред македонската публика својата инспиративна животна приказна која привлече големо внимание во регионот.

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 16 април 2026 година во 13 часот во Аудиокултура, каде што публиката ќе има можност да слушне повеќе за животниот пат на авторот и за процесот на создавање на книгата, преку разговор со него.
Книгата „Јас сум Ален“ претставува лично сведоштво за идентитетот, припадноста и потрагата по сопствено место во светот.
Преку искрен и емотивен наратив, авторот зборува за искуствата што го одбележале неговиот живот, но и за силата на човечкиот дух да ги надмине и најтешките околности.
Разговорот со авторот ќе го модерира Јана Бурческа, додека селектирани парчиња од книгата ќе чита психологот и психотерапевт Никола Дукоски, отворајќи простор за продлабочено разбирање на психолошките и општествените теми што оваа приказна ги отвора.
По официјалниот разговор со авторот ќе следи сесија со прашања од публиката, средба со медиумите, како и потпишување на книгите.
Настанот е отворен за јавноста.

За авторот
Ален Мухиќ (роден 1993 година во Горажде) е автор од Босна и Херцеговина, медицински работник, хуманист и активист за човекови права. Роден е како дете зачнато од воено злосторство – силување за време на војната во БиХ.
По раѓањето бил оставен во болницата во Горажде, каде што во првите месеци за него се грижел медицинскиот персонал. Кога имал седум месеци, го посвоиле Мухарем и Адвија Мухиќ, кои го одгледале со љубов како свој син.
Тој е автор на автобиографската книга „Јас сум Ален“, силно сведоштво за идентитетот, потеклото и борбата против стигмата на децата родени од воено силување.

Книгата стана значаен глас во борбата за емпатија, разбирање и достоинство на жртвите од војната и привлече внимание на јавноста во Босна и Херцеговина и во регионот.
За својот општествен и хуманитарен ангажман, Ален Мухиќ ја доби меѓународната награда за човекови права што ја доделува Универзитетот во Осло (Норвешка), со што неговата борба за вистина, достоинство и правата на децата родени поради војната беше препознаена и на меѓународно ниво.
Денес е препознаен како глас против стигмата и како симбол на борбата за достоинство, а неговата животна приказна претставува инспирација за многумина ширум светот.
