Емилија Мицевска со голо трудничко стомаче, Рубенс Муратовски пееше со синовите - Како си поминав на „Глумците пеат“ 2026?
Актерката Емилија Мицевска ни откри дека среде лето ќе стане мајка, а на сцената излезе со голо трудничко стомаче. А откако ја испеа „Летај галебе“, доби огромен, и ми се чини најдолг аплауз од публиката.
Но, ништо не ме подготви за моментот, кога Тања Кочовска сосема спонтано се прекачи преку „балконот“ до бината и излезе на сцената да ја испее „Љубов запеј ни“ заедно со Сања Арсовска, Катерина Јовановиќ, Владимир Петровиќ и Антонио Ташковски.
„Се сеќавам дека ја гледав Тања во салата Ацо Шопов кога ја пееше песнава на Макфест, а сега е таа во публика и ќе ме гледа мене“, рече Сања во најавата за песната.
Силниот аплауз ѝ беше доволен поттик на Тања, во свој стил да се прекачи преку балконот и да им се придружи на сцената, а потоа, на истиот начин и да се врати назад на своето место.
Додека ја пееја песната се случи и еден од најемотивните моменти на „Глумците пеат“ - повеќето актери излегоа со транспаренти и силни пораки, по што, доживеаја стоечки овации и силен аплауз.
Не смеам да ја заборавам ни Наталија Теодосиева, која целосно се трансформираше во Ноне, пеејќи ја „Лесно ко 2 и 2“, а со неколку свои колеги и колешки го оживеа спотот на сцена.
Силен аплауз добија и четирите актерки кои се дел од „Глумците пеат“ скоро од самиот почеток на шоуто - Катерина Илиевска, Биљана Драгиќевиќ, Калина Наумовска и Гордана Ендровска.
